Министерот за образование Арбер Адеми рече дека  не е направена отстапка во ниеден од склучените договори за откуп на учебници со издавачките куќи од 2009 година, откога е воведен проектот бесплатни учебници.

На средба со новинарите тој појасни дека МОН е носител на авторските права на околу 50 проценти од учебниците, а 50 проценти над некои учебници ексклузивни права имаат издавачките куќи. Според него, може да биде критикувана евентуална одлука за враќање на авторските права кај издавачите.

-Од 2009 до 2018 година законската основа, членот на кој се повикуваме за спроведување на постапката е сосема ист. И да сакаме да спроведеме некоја друга постапка, би го прекршиле законот. Некоја издавачка куќа има ексклузивно право над некој одобрен учебник сè додека тој е во употреба. Кога се доаѓа во фаза за откуп на учебници, јас како министер сум принуден со таа издавачка куќа да ја спроведам постапката за откуп. Таа постапка не е од мене и од 2018 година, туку е од 2009 година па наваму, рече Адеми во врска со договорите за откуп со издавачки куќи.

На прашањето дали со измените на Законот за учебници во план е авторските права да им се вратат на издавачките куќи, како што било пред 2009 година, Адеми одговори дека смета оти МОН не би требало да има издавачка дејност и таа треба да им се пренесе на издавачките куќи, но дека тоа може да му отвори нов проблем.

-Но што и ако го направиме тоа. Некој ќе ме критикува дека намерно се повлекувам од издавачката дејност на МОН за да профитираат издавачките куќи, додаде Адеми.