Не се очекува Владата денеска на редовната седница да одлучува за барањето на СОНК за платите во образованието, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
-Ние сме во процес на преговори помеѓу МОН, Владата и СОНК, на добар првец сме. Денеска имаме редовна седница на Владата и не се очекува денеска да одлучиме за ова прашање. Би требало наредните денови, ако не и утре, да одлучиме што понатаму. Можам да повторам дека сме на добар правец за историско покачување на платите во дејноста образование, рече Адеми на новинарско прашање по обраќањето на конференцијата на тема „Зајакнување и проширување на европската инфраструктура на архиви на истражувачки податоци од општествените науки“.
Тој посочи дека засега нема најава за нова средба со претставниците на СОНК, но по потреба може да биде организирана.
-Фокусирани сме на подобрување на социјалниот и на материјалниот статус на вработените во образованието. Во постојана комуникација сме и таа комуникација ќе продолжи се до постигнување на конечен договор, рече Адеми.
За унапредување во кариерата и за кариерен развој во образованието Адеми рече дека имаме донесено модерен закон – Законот за наставници и стручни соработници каде се предвидуваат конктретни законски скалила за унапредување во кариерата и за кариерен развој, а Владата на годишно ниво ќе ја определува бројката на наставници кои ќе имаат развој во кариерата.
-Наставник – ментор и наставник – советник се едно од тие скалила и со закон се определува кои критериуми треба да се исполнат за да се дојде до тоа звање. За наставник – советник треба најмалку седум години работно искуство покрај другите критериуми и услови што треба да се исполнат, а истите скалила се предвидени за стручните соработници. Секоја година ќе има оглас или јавен повик каде сите наставници и стручни соработници кои исполнуваат услови може да аплицираат, а бројката на годишно ниво се определува од страна на Влдата имајќи ги предвид и финансиските можности со кои располага државата, рече Адеми додавајќи дека пресметките се веќе направени.
По последната средба одржана во петокот во Владата, министерот Адеми и претседателот на СОНК Јаким Неделков изјавија дека има приближување на ставовите меѓу МОН и СОНК, но не и конечен договор за зголемување на платите на просветните работници. Најавија дека разговорите ќе продолжат оваа недела.
Владата понуди зголемување на платите за 10 проценти од април 2020 година. СОНК останува на барањето зголемувањето да почне од 1 јануари, а за процентот, за којшто бараше да биде повисок од понудените 10 отсто, се уште ќе се преговара.
СОНК претходно најави дека ако не бидат прифатени нивните барања ќе биде организиран генерален штрајк на 11 ноември.