После Баку до денес голем дел од препораките имаме реализирано. Прво што направивме е што го укинавме проектот за ски центар на Галичица. Некои траси променивме за да не се уништи природното богатство во тој дел од Охрид, вели министерот задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми.

Тој за Утрински брифинг на „Слободен печат“ изјави дека до мај треба да имаме чист колекторски систем, кој нема да го загадува езерото и додава дека Железницата е дел од плановите за Охридскиот регион.

– Дивоградбите се само еден сегмент, можеби и најболен. Не сите од нив се проблематични. Се прави нивен регистер. После тоа експертите треба да направат проценка на влијанието на животната средина. На 1 февруари треба да ги информираме УНЕСКО за прогрес извештајот. Очекувам констатација во имплементација на препораките. И тие знаат дека не може дивоградбите да ги урнете преку ноќ. Но оние кои имаат влијание врз животната средина ќе мора да бидат отстранети, изјави Адеми.