Нашиот закон за кривична постапка, воопшто не дозволува адвокат за сведоци, а ова е опасен преседан кој се чини исклучливо за Катица Јанева, вели адвокатот Јанаки Митровски.
Оваа изјава на Митровски за порталот Трибуна е дадена во врска со вчерашното појавување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција придружувана од ангажиран адвокат.
– Адвокат е предвиден за осомничен/обвинет или евентуално оштетен. Сведокот треба да присведочи што узнал со своите сетила, чуму му е адвокат? Ова претставува двоен аршин на Обвинителството и тоа е факт. Дали Катица Јанева очекувала да и се смени статусот, тоа е прашање за нејзе, но не е можно тоа да се случи во текот на самиот распит, односно да биде повикана како сведок и да стане осомничен. Имајќи ги предвид нејзините ограничени капацитети, чисто се сомневам дека Катица го знае ова, вели Митровски за Трибуна.
Вчера Јанева беше повикана од обвинителката Вилма Русковска како сведок за аферата Рекет, таа на распитот се појави со адвокатот Стеван Павлески, кој пак истовремено е адвокат и на осомничениот бизнисмен Цветан Панделески во случајот „Империја“.