Адвокатите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп го информирале Министерството за правда дека не се пронајдени нови доверливи документи при последниот претрес извршен во „Трамп Тауер“ и еден од неговите терени за голф.
Тоа е исходот од наредбата што судијата ја изрече на одбраната на Трамп, како потврда дека се почитува барањето за предавање на сите доверливи материјали, објави денеска „Вашингтон пост“.
Весникот наведува дека правниот тим на Трамп најмил надворешна фирма, што неодамна извршила претрес на неговиот клуб за голф во Бедминстер, Њу Џерси и неговата зграда во Њујорк. Одбраната побарала и припадници на ФБИ да бидат присатни при претрагата што, како што пишува „Вашингтон пост“ било отфрлено.
За време на претресот во август ФБИ пронајде повеќе од 20 кутии со владини документи, вклучително и 11 комплети доверливи досиеја на имотот на Трамп во Палм Бич, Флорида.
Трамп е под федерална кривична истрага за задржување сензитивни и доверливи владини документи по напуштањето на претседателската функција во јануари 2021 година.