Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не може да најде осигурителна компанија која ќе ги гарантира 464 милиони долари што судот му наложи да ги плати во случајот за граѓанска измама во Њујорк, соопштија неговите адвокати.
Адвокатите на Доналд Трамп велат дека обезбедувањето кауција од таа големина е практично невозможно.
Трамп е прогласен за одговорен за погрешно прикажување на нето сумата на пари што ја поседува во случајот за финансиска измама што ја покрена њујоршката обвинителка Летиша Џејмс.
Обвинителката Џејмс најави дека е подготвена да започне процес на запленување на имотот на Доналд Трамп доколку тој не може да ја плати сумата утврдена со пресудата.
– Ако нема средства да плати, ќе бараме механизми за извршување на пресудата на суд и ќе побараме од судијата да му го заплени имотот, рече Џејмс во интервју за Еј-Би-Си Њуз.
Трамп, републикански кандидат на претседателските избори во САД во ноември, има намера да поднесе жалба на пресудата на њујоршкиот граѓански суд усвоена во февруари, со што автоматски ќе се запре извршувањето на одлуката на судот.
За да поднесе жалба, тој прво мора да уплати пари на сметка на апелациониот суд или гаранција за целиот износ, но, според адвокатите, 30 осигурителни компании ги одбиле неговите барања да му помогнат.
Адвокатите на Трамп побараа од апелациониот суд да го одложи издавањето гаранција додека не заврши неговата жалба на случајот, тврдејќи дека вредноста на имотот на Трамп далеку ја надминува пресудата.
Судијата Артур Енгорон минатиот месец пресуди дека Трамп и неговата компанија незаконски ја преувеличувале вредноста на нивното богатство и манипулирале со вредноста на имотот за да добијат поволни заеми од банките и поволни услови од осигурителните компании. Тој нареди Трамп да и плати на државата Њујорк 355 милиони долари, со камата, 464 милиони долари.
Енгорон, исто така, им нареди на синовите на Трамп, Доналд Трамп Јуниор и Ерик, да платат по речиси 4,7 милиони долари.
На поранешниот финансиски директор на организацијата Трамп, Ален Вајзелберг, му беше наложено да плати 1,1 милион долари.
Енгорон, исто така, издаде тригодишна забрана за Трамп да раководи со која било њујоршка компанија или да бара кредит од банки регистрирани во државата Њујорк, додека на неговите два сина им беше забрането да заземаат лидерски позиции во фирми на две години.
Судијата рече дека целосното отсуство на каење кај обвинетите се граничи со патологија.
Трамп минатиот месец плати кауција од речиси 92 милиони долари во тужба за клевета, додека ја обжали пресудата во тужбата поднесена од њујоршката писателка Е. Џин Керол, која го тужеше за сексуален напад и клевета.