Клиничката болница „Аџибадем Систина“ соопшти дека покрај сите свои слободни капацитети и респираторни машини кои по потреба ги стави на располагање, по претходен договор со Министерството за здравство, дополнително располага и со мобилни болници со кои ќе ги зајакне капацитетите за сместување на пациенти.
„Аџибадем Систина“ располага со пет мобилни болници – шатори кои може да се транспортираат низ целата територија на земјата. Мобилните болници имаат сопствен приклучок на струја, а во нив по потреба ќе се инсталираат респираторни машини и сета друга неопходна медицинска поддршка за третман на пациентите. Овие пет мобилни болници се опремени со кревети оддалечени на растојание од два метри и нивниот вкупен капацитет е 70 легла.
Овие мобилни болници доколку се јави потреба целосно ќе бидат на располагање заедно со медицинскиот тим на „Аџибадем Систина“. Наш приоритет е здравјето на сите граѓани и грижата за нив, стои во соопштението.