Венко Филипче е главниот лик во аферата „Провизии кои чинат животи“. Тој, иако не смеел, дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали, истакна на денешната прес конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче ги направил модуларните болници буквално како картонски кутии, запаливи за секунда.
Имено, Артан Етеми, поранешниот економски директор на Тетовската болница, кој е осуден на 1,5 година затвор за случајот со модуларната болница, до последен момент одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната болница.
Откако вчера обелоденивме дека е направен скандал во здравството со противзаконското поставување на модуларни болници низ целата територија на Република Македонија, каде што за жал загинаа 14 луѓе, денес продолжуваме со нови информации за вистината за модуларната болница.
Да потсетиме, болниците кои биле набавени и поставени како стоки – кои во ниту еден случај не можат да бидат користени како објекти за здравствена дејност – биле направени според техничка спецификација на лице поставено од Венко Филипче.
Зошто повторно го споменуваме ова? Затоа што повеќето директори на болници низ целата Македонија се противеле на поставување на модуларни болници, бидејќи немало приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци, да ангажираат фирми итн.
Во овој дел, Светска банка барала да види одобренија за поставување и употреба на модуларните болници и извод од Катастар, со цел за да се покаже одржливост на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи не е запазена процедурата и одредбите од Законот за градење.
Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки и нема извештај од надзор согласно член 74 од Законот за градење за да се запишат, а Катастарот врши упис само на недвижности.
Економскиот директор на Тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба.
Клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство. Болницата изгорела за неполни две минути, за што има и снимки, листа на документи и докази кои Јавното обвинителство ги крие.
Венко Филипче дозволил пациенти со тешка клиничка слика да се лекуваат во објекти кои не можеле да служат за ништо друго, освен како настрешници.
Се поставува прашањето: Дали Јавното обвинителство го штити Филипче? Зошто обвинетите поранешни директори на Тетовската болница рекоа дека вистинскиот виновник треба да седи до нив на обвинителната клупа, а тоа е Венко Филипче?
Зошто Филипче е изземен од целата оваа ситуација? Дали судиите одработуваат за него, во знак на благодарност за можноста да бидат избрани?
Вистината за модуларната болница, јавноста заслужува да ја дознае.
Продолжуваме и утре во 12 часот со нови скандали поврзани со договорите помеѓу Министерството за здравство и носителот на набавката, рече Манасиевски.