Бившата специјална обвинителка Катица Јанева, по четири дена од продолжениот празничен викенд кои ги помина во клиниката „Жан Митрев“, се чувствувала добро и денеска се враќа во притвор во Шутка.

Јанева, како што беше објавено, е многу подобро и ќе замине од болницата. Таа ќе биде вратена во затворската келија во Шутка, а дали притворот ќе и биде продолжен ќе одлучуваат Апелација и Кривичен.

Оваа недела треба да се одлучи и дали на Јанева ќе и биде прифатено барањето да се брани од слобода за што таа понуди гаранција од три стана.

Адвокатка Ирена Фрчковска, рече дека очекуваат Јанева денеска да биде пуштена од болничко лекување, кога ќе имаат и повеќе детали за здравствената состојба.

– Најверојатно ќе биде пуштена денеска напладне и тогаш ќе знам повеќе детали, изјави Фрчковска.

Поради висок притисок и општа анксиозност Јанева минатата недела беше пренесена на клиниката „Жан Митрев“ на интернистичко кардиолошки преглед.

Фрчкоска, на 10 октомври, кажа дека Јанева е задржана во клиниката „Жан Митрев“ на понатамошно следење, како пациент во сомнителна прединфарктна состојба.

Претходно, одбраната на Јанева побара притворот да и биде заменет со куќен притвор, но Судот го одби ова барање.

Јанева е обвинета во аферата „Рекет“ и издржува мерка притвор во истражниот затвор „Скопје“.