Потпретседателката на Собранието на Република Македонија и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски во Кривичниот суд денеска се произнесе пред судија на претходна постапка во врска со случајот „Рекет“.
Во Судот денеска треба да се јават уште неколку лица осомничени во проширената постапка за овој случај.
Случајот „Рекет“ доби нов тек откако истрагата се прошири на уште четири лица, а синоќа на потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, по приведувањето во Кривичниот суд, и беше одреден куќен притвор. Мандиќ се сомничи за измама и перење пари во проширената истрага за овој случај.
Обвинителката Вилма Рускоска, која е надлежна за овој случај, синоќа изјави дека кај тројцата осомничени во проширената истрага е определен налог за претрес.
Се очекува денеска да биде поднесено и обвинението за првиот дел од истрагата. Русоска, синоќа изјави дека има „битни докази“ за обвинението. Таа посочи и дека еден од осомничените побарал спогодба за првиот дел од истрагата.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот, се подвлекува во соопштението, присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.
Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески-Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третоосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.
Јовановски требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши и со брза помош беше однесен во болница, а потоа вратен во притвор.
Исказ во Обвинителството нема да дава ниту Катица Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска за МИА потврди дека таа во оваа фаза нема да дава исказ, но ќе го задржи правото во однос на предлагање сведоци и докази понатаму во постапката.