Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, упати честитка до лидерот на „Единствена горанска партија“, Адем Хоџа, за неговиот избор за пратеник во новиот косовски законодавен дом.

-Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво „Илинден”-Тирана, и во име на македонското национално малциство во Албанија да Ви го честитам изборот за пратеник во косовското собрание. Ви посакувам голем успех, и убави дела, честа и достоинственоста да Ве следат и да се  постојано со вас. Ви ги упатам изразите на нашето највисоко почитување, стои во честитката.

Исто така, се нагласува огромната поддршка од друштвото „Илинден“ затоа што „напредокот и благодетта на областа Гора претставува поттик за истрајност во напорите за негување и промоција на национален, јазичен, културен и духовен идентитет на Македонците од Гора – Република Косово“.

Во меѓувреме единствениот весник на македонски јазик во Албанија, пренесува изјава на Хоџа, дадена за весникот.

-Чест ми е што ќе ги претставувам моите Горанци во косовскиот Парламент, но во исто време е голема обврска која ќе се трудам максимално доследно да ја вршам. Секако главна моја задача во име на сите е подобрување на положбата на горанската заедница, зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово, изјавил Хоџа.

Се наведува дека во новиот состав на косовскиот Парламент, што прозлезе од предвременте парламентарни избори одржани на 6 октомври, Хоџа е дел од  десетте загарантирани пратенички места за немнозинските заедници и оти тој и во претходнот мандат беше пратеник во косовскиот Парламент, со чие залагање реализирани се повеќе инфраструктурни проекти.

Во областа Гора, на падините на Шар Планина, на косовска страна, распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед, познати под името Горанци.