Кандидатите на СДСМ за градоначалници на Скопје и на скопската Општина Карпош, Петре Шилегов и Душко Весковски, првин најмиле фирма, таа ги завршила градежните зафати на улица Варшавска, а дури два месеца потоа распишале тендер за да ја исплатат фирмата, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов и Весковски, како што е наведено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, плаќале услуги и до осум пати поскапо од тоа што било плаќано во време на претходната локална власт во Скопје.
– Еден квадратрен одбележување на ров во 2017 година бил плаќан за 19,3 денари, а сега Весковски и Шилегов го плаќаат за 168 денари, односно скоро 8,7 пати поскапо. Што се сменило од 2017 година до сега во градежништвото, за цените да бидат над 8 пати повисоки? Ништо освен што сега на власт се Весковски и Шилегов. Капа за затворач во 2017 година бил плаќан 980 денари, а сега е платена 6.800 или скоро 7 пати поскапо. Иста пракса имаме и кај услугата фино планирање на дното на ровот, кое во 2017 година е наплаќано 21 денари, сега е 112 денари односно скоро 6 пати. Весковски и Шилегов асфалтот го плаќаат 3 пати повеќе, па ако во 2017 година асфалтирање на исечени делови од асфалт со дебелина 10 цм за 1 метар квадратен било 900 денари, сега е платено 3.520 денари, се вели во соопштението од опозициската партија.
Информациите за овој случај, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, биле доставени до Јавното обвинителство и очекуваат тоа да отвори случај.