Зајакнување на правосудството во земјава, на сите нивоа, е главен приоритет за амбасада на САД, за мене лично и за Вашингтон, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.

По посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде амбасадата на САД донираше компјутерска и техничка опрема, Агелер порача дека ова е добар систем и изрази уверување дека интероперабилноста ќе ја подобри ефикасноста.

„Тука сум од ноември и корупцијата во земјава е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци и постојат веќе системи, кои бараат проверка. Затоа е добра денешната посета, за да видам како се водат истрагите“, порача Агелер.

Сакаме да бидеме партнери со оваа земја, нагласи Агелер, така што ќе покажеме дека овој систем е тука за вашите граѓани.

„За тоа е потребно време. Не е нешто што еден компјутерски систем ќе го реши, но е приоритет и ако имам една цел како амбасадор во земјава, тоа е да се осигурам дека ќе направам се што можам, заедно со мојот тим, за зајакнување на вербата на граѓаните на С. Македонија во правосудството“, порача Агелер.

Претседателот на Основното јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, изрази благодарноста за донацијата, која помага во секојдневната работа, а со крајна цел да овозможиме верба на граѓаните во институциите во системот и добивање на правда.

„Се работи за сериозна донација што ќе ни помогне во секојдневната работа и од технички и од суштински аспект, затоа што многу побрзо можеме да работиме на одредени докази и прибирање доказен материјал“, изјави Бубевски.

Се надеваме, посочи Бубевски, и на понатамошна соработка со американската амбасада преку обуки и друга помош.