Во наредните месеци и години САД ќе ги објавуваат имиња кои ќе произлезат од истрагите на американските функционери поврзани со корупција во земјава.
Амбасадорката на САД, Ангела Агелер, вели дека нема рок, но се надева оти овој процес ќе биде континуиран. Лицата од списоците ќе бидат санкционирани на неколку начини во зависност од постапките.
– Во тек е дијалог меѓу американската амбасада, мојот тим овде со мене и официјалните лица во Вашингтон, без разлика дали тоа е Министерството за финансии, дали тоа е Стејт департментот, дали тоа е Канцеларијата на Советот за визни санкции, економски санкции, дали е Националниот совет за безбедносни прашања. Ова е тековен процес кој ги разгледува соодветните санкции за одредени поединци во зависност од законите и прописите што тие ги прекршиле што би ги натерало САД повеќе да не сакаат тие да влезат во САД или пак, за нив да има финансиски санкции, рече амбасадорката Агелер.
Американските санкции се сериозни и можат да имаат долгорочни последици, дадоа резултати и во други земји, вели Агелер. Инаку, корупцијата, вели таа, не е поврзана само со избраните политичари. Истрагата се фокусира и на други два сектори.
– Мислам дека на сите ни е јасно дека има прашања во правосудниот систем. Нашата листа на санкции не е ограничена само на еден сектор. Исто така, има санкции за деловни луѓе за кои е утврдено дека редовно биле вклучени во коруптивни активности во нивните компании и бизниси. Значи, тоа не е ограничено само на избраните функционери, туку и во судството, во секторот за владеење на правото и бизнисот, додава Агелер.
Агелер го критикуваше нивото на корупција во земјава од почетокот на нејзиниот мандат во Скопје, на крајот на минатата година, што предизвика бран реакции од политичарите, обвинителите и судиите.