Агенцијата за пошти објави дека повторно е вратен ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама, кој е воспоставен со закон во корист на давателот на универзалната услуга А.Д. „Пошта на С. Македонија“ во државна сопственост – Скопје, која за услугата има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот.
– Тоа значи дека лиценцираните даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5.денари, според цените кои се во примена од 01 март 2020 година, почнувајќи од 26 октомври 2022 година, односно, можат да ги обезбедуваат услугите од опфатот на резервираните услуги по цена која е два и половина пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка, информираат од Агенцијата за пошти во објава на нивната веб страница.
Оттаму напоменуваат дека како регулатор во повеќе наврати укажувале на последиците кои би настанале од евентуалното усвојување на Предлог на законот за изменување на Законот за поштенските услуги, како и на негативните економски ефекти од ваквите околности, врз поштенскиот сектор.
Со Законот за изменување на Законот за поштенските услуги што беше усвоен на 20 октомври, а стапи во сила од 26 октомври, се обезбеди давателот на универзалната услуга повторно да има ексклузивно право да обезбедува резервирани поштенски услуги до крајот на 2023 година.
Пазарот на поштенските услуги беше накратко отворен за целосна конкуренција на 1 јануари минатата година, кога беше укинат поштенскиот монопол, но на 14 јули 2021 година беше воведена законска измена со која последователно се врати поштенскиот монопол. Целосно отворање на пазарот повторно се случи на 1 јануари годинава, а со последните измени на законот што стапија во сила на 26 октомври, повторно се овозможи ексклузивно право за националниот оператор за резервираните поштенски услуги.
Поради доцнење на исплатата на платата за септември, во националната „Пошта“ на крајот на минатиот месец се одржа предупредувачки протест, кој беше ставен во мирување по постигнатиот договор со кој меѓу другото Министерството за транспорт се обврзало на владина седница да се стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институциpo[taи да ги користат услугите на АД „Пошти“, согласно со измените во Законот за поштенски услуги.