Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, изнесува 95.1.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, бележи пораст од 2.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 9.1 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 20.5 %.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, бележи пораст кај Енергија за 18.0 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 23.4 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.8 %, Капитални производи за 20.5 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4.3 %.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – декември 2021 година, во однос на периодот јануари – декември 2020 година, изнесува 101.4.