„Не заборавајте дека цела кампања на ВМРО за осум години е спроведена против Албанците преку софистицирана војна против ДУИ и ова не се заборава, тоа не може да се заобиколи бидејќи станува збор за нацистички ставови. Земете ги и другите дадени изјави – против САД, против ЕУ, против НАТО, против договорите за добрососедство. Тогаш, ако е така, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Ние сме во одбрана на легитимитетот и воопшто не се повлекуваме“, рече Ахмети.
Пред да се осврне на ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети порача дека главна тема за Албанците е заштита на легитимитетот на изборниот процес, притоа додаде дека ова е главната грижа на ДУИ, а не дали ќе биде на власт.
„Денеска темата на Албанците е заштита на легитимитетот бидејќи и најмладите нè прашуваат зошто да излегуваат на гласање кога некој друг одлучува за нивната судбина, за нивното најдемократско право на глас. Ова е нашата грижа. И 80 години да сме во опозиција, и правата на Албанците да одат напред, и да нема Албанци што го предаваат суверенитетот, ова е главното прашање за нас. Не дали ќе бидеме или нема да бидеме и воопшто не се бориме за власт, туку сакаме стабилна, мирна, безбедна и функционална држава со добри меѓуетнички односи“, додаде Ахмети.
Инаку, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој беше опкружен со лидерите на другите партии од коалицијата „Европски фронт“, порача дека започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.
„Драги пријатели, легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние што го имаат легитимитетот на заедниците“, изјави тој.