Да се почитуваме меѓусебно, да се вреднуваме, да работиме за еднаквост и заедништво и да престанеме да го третираме овој дом како „твој“ или „мој“, туку како „наш”, се наведува во честитката од претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, по повод празникот 2 август – Илинден.

– На 2 август 1903 година, Албанците, Македонците и другите заедници се обединија во заедничката борба за слобода и еднаквост. Целта беше остварена преку заедничкото владеење и еднаквата поделба на одговорностите за предводење на народот пред 122 години. Денес, 2 август нè наоѓа не заедно, туку едни наспроти други, со тенденции за маргинализација и наметнување на етничка супремација, смета Ахмети.

Како што додава, по децении придонес за еднаквост и праведна поделба на одговорностите, „денес се множиме со нула во спроведувањето на владините политики, во вработувањата, дипломатијата, безбедноста, културата, здравството, образованието, економијата, европската интеграција и насекаде“.

– Охридскиот договор, што претставува модерен Крушевски манифест, се обидуваат да го укинат, преку исклучување на албанскиот јазик од службена употреба, преку селективна и политички диригирана правда, преку отстранување на албанското национално знаме, преку укинување на Бадентеровото мнозинство и балансерот како механизми против мнозински диктат, непризнавање на резултатите од пописот и промовирање на државни политики базирани на моноетничката доктрина – „повторно твоја“, се додава во соопштението.

Според Ахмети, „ова опасно отстапување од манифестот на заедништвото од пред 122 години и во пресрет на 24-годишнината од Охридскиот договор, е резултат и на поданичкиот однос на една мала група Албанци – без амин од народот, без знаење и храброст за управување, без програма и без р’бет да предводат, туку со единствена мотивација на слепата желба за власт, седнување во фотелји што им ги обезбеди падронот, а не народот преку демократски избори“.

Тој посочува дека „Албанците се определени за унитарна и заедничка С. Македонија – праведна и еднаква за сите, партнер во НАТО и идна членка на Европската Унија“.

– Сè друго што ќе слушнете од кој било друг е само пропаганда за поделби и владеење преку инсталирање на лажен страв кај граѓаните, заклучува во честитката претседателот на ДУИ.

Фото: архива