Откако неколку медиуми од регионот објавија дека еден од можните сведоци за настаните во познатата „Жолтата куќа“ би можел да биде и вицепремиерот Артан Груби, лидерот на ДУИ, Али Ахмети вечерва во емисијата „Клик плус“ изјави дека улогата на Груби била само како преведувач и ништо повеќе од тоа.
„Груби беше преведувач и тој ја објасни целата ситуација во жолтата куќа. Секако, ја знаев за неговата работа. Тој има работено и како преведувач и службеник и во седиштето на НАТО во Скопје“, рече Ахмети.
Тој додаде дека Груби бил само преведувач кој преведувал додека се правеле интервјуа со одделни сведоци за улогата на „жолтата куќа“ за време и по конфликтот во Косово.
– Тој работеше како преведувач и службеник во седиштето на НАТО во Скопје. Беше преведувач и на Холандската амбасада во Скопје, но беше преведувач и на Хашкиот трибунал, 7 или 8 години. Откако се врати од Хаг продолжи да работи во НАТО и Холандската амбасада во Скопје – рече Ахмети.
Ахмети исто така кажа дека не му е пријатно затоа што смета дека се напаѓа мисијата на тогашната ОНА која се бореше за права и слобода на албанците во Косово.
Според повеќе извештаи, во „Жолтата куќа“ се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОНА за време на конфликтот во Косово.