Се гордеам со кадрите кои ни го белеат образот. Ме прават среќен затоа што се огледало на државата, а тоа ме прави неуморен да продолжиме и да одиме напред, изјавил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера на партиска средба во Гостивар.
Ахмети се пофалил со посетата на Османи во Украина, а упатил и порака за ветинг, соопштија од ДУИ.
Лидерот на ДУИ истакнал дека како Албанци, решени се да бидат на вистинскиот пат и дека ја промовираат правната држава. Според него ДУИ 20 години е на вистинската страна и толку години инвестира во обука на кадри.
– Додека зборуваме, Бујар се враќа од Украина. Скринингот што започна кај нас се прави за земјите кои бараат влез во ЕУ. Членството на земјата во ЕУ е бенефит за идните генерации. ДУИ е партијата со најголема внатрешна демократија. Работиме добро и внатре и во институциите. Нашата цел е зајакнување на државата, економијата и правдата. Почнувајќи од мене, ќе го започнеме ветингот, судството и обвинителството да бидат чисти и правични, со експерти од странство, рече Ахмети.