Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети и претседателот на АА, Зијадин Села, во Приштина оствариле средба со американскиот конгресмен Кит Селф. Тие велат дека со претседателот на Поткомитетот за Европа во Американскиот конгрес разговарале за политичката состојба во Македонија, правата на Албанците, службената употреба на албанскиот јазик, како и за функционирањето на Уставниот суд и Бадентеровиот принцип.
„На американскиот конгресмен му ја изразив нашата загриженост и сериозноста на тенденциите за удирање врз службената употреба на албанскиот јазик во Македонија, како и нашите ставови по ова прашање. Во таа насока го информирав и за нашиот став за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, како механизам за заштита од мајоризација во една важна институција која во последно време се претвори во извор на криза и меѓуетнички тензии.
Ја споделив и загриженоста за судството кое функционира врз основа на името и презимето што го имаш, а не според делото што си го направил, посочувајќи го случајот „Алфа“, 18 години затвор без вина за Агим Ислами и сега починатиот Реџаил Ќерими, правејќи паралела со ослободувањето од затвор на осудените за тероризам во случајот од 27 април.
На средбата разговарав и за континуираните удари од страна на Владата и другите институции врз правата на Албанците кои произлегуваат од Охридскиот договор“, напиша Села.
„Разговаравме за политичките случувања во Македонија, за предизвиците поврзани со зачувувањето на мултиетничкиот карактер на државата и за потребата од целосно почитување на Охридскиот договор како гаранција за мирот, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата.
Изразив благодарност за историската улога на Соединетите Американски Држави во градењето на мирот и демократитијата во нашата земја, како и за континуираниот американски интерес за стабилноста и евроатлантската иднина на регионот“, напиша Ахмети.




