Највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет одржал состанок каде дискутирале за актуелната политичка состојба во држават, но и во партијата. Претседателот на партијата , Али Ахмети кој претседавал со Советот, изразил загриженост од како што се наведува во соопштението, „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“.
Без да откриваат детали на што мислел Ахмети, од партијата наведуваат дека тој изразил посветеност на партијата за демократските принципи и решеност да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Македонија.
Ахмети и Генералниот совет, како што се наведува во соопштението, го осудуваат и нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го истиот како напад врз ДУИ.
Генералниот совет на ДУИ донел и одлука за како што велат , зајакнување на раководството на партијата.
„За нов потпретседател на ДУИ се назначи г-дин Бујар Османи како носител на долгогодишно искуство со континуирана посветеност и вложување во принципите на партијата. Дополнително, Собранието назначи тројца нови членови на претседателството, пополнувајќи ги испразнетите места од лицата што ја напуштија партијата. Новоименуваните членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали. Г-ѓа Билали како секретар ќе го води Секторот за родова еднаквост,“ се наведува во соопштението од ДУИ.