Лидерот на ДУИ Али Ахмети во говор пред симпатизерите во Струга рече дека албанскиот бил најстар јазик на светот, дека Албанец бил и Јустинијан Прима и сите клучни личности од средниот век во Македонија и на Балканот.

Ахмети и ДУИ, кои 20 години беа на власт во Република Македонија, сега не можат да се помират со нивната маргинализација како опозиција и се почесто прибегнуваат кон закани, поттикнување на меѓуетнички тензии и националистички изливи.

„Ако сакате да владеете со Албанците, отстранете ја нивната илирска историја и илирска гордост. Тие треба да знаат дека ние сме придонесувачи кон културата на Балканот, кон културата на Европа и кон културата на светот. Од древниот Константин е наш, кој е дел од нашето албанско потекло, нашата албанска ДНК, наш е и Јустинијан Први, наш, Албанец е и Ѓерѓ Дибрани, основачот на Охридската архиепископија. Не може да се негира дека ние, Албанците, сме придонеле за европската култура, бидејќи тогаш бевме космополити и сме придонеле за целото човештво. Нека разберат дека Албанците се автохтони староседелци тука, тие не се странци во туѓ дом“, рече Ахмети.

Овие бесмислици и фалсификати на историографските и археолошките факти за Македонија и Балканот Ахмети ги изложи во неговиот говор на средбата со партиските членови и симпатизери во Струга, а ги објави интегрално весникот на албански јазик Коха.

Ахмети се откачи од реалноста со неговите тврдења дека „Албанците имаат антички корени на овие простори“ и оти сета историја и сите клучни личности од средновековието во Македонија и Балканот се Албанци. Според Ахмети, „во минатото не постоеле Македонци“, туку како што кажа во говорот пред неговите поддржувачи во Струга, „практично, се што било во Балканот од средниот век – било дел од албанската историја“.

„Албанскиот јазик е најстариот јазик на целиот свет. Тоа не е јазик, што го зборуваат луѓе, кои се овде прибрани од некоја друга земја. Но, заедно со сонцето остаре и албанскиот јазик. Албанците имаат тука свои гробишта стари илјадници години. Имаат своја култура, своја традиција. Албанците изградија неоспорен идентитет, кој е прифатен од целиот свет“, рече Ахмети, пренесува Коха.

Оваа држава, додаде Ахмети, може да преживее само во целосна хармонија на македонската и албанската заедница.

„Без хармонија меѓу нив оваа држава не може да има иднина и постоење. Ова не закана, туку совет, за оние кои не знаат како да градат одржливи и напредни политики, што одат напред“, кажа Ахмети во политичкиот говор, објави весникот Коха, а го пренесува во превод на македонски јазик порталот Експрес.