Храната во Македонија е безбедна, тврди првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, и покрај тоа што признава дека немаат доволно кадар за да ги прват проверките – им фалат вкупно 40 инспектори. Хрватска во четири наврати врати македонски зеленчук поради прекумерно присуство на пестициди, но и ова, според надлежните не значело дека кај нас храната не била добра.

„Посебно она што беше актуелно и вие како медиуми го покривте, одредени преработки на земјоделски производи каде што грешката е во примарното производство, односно на нива да не речам, каде што се употребуваат одредени пестициди, еве сега ние скоро имавме и пратка од една соседна држава на праски, каде што е востановен е законски забранетиот хлорпирофост . Моментално имаме околу 180 инспектори од сите одделенија, значи севкупно, а ни требаат барем уште четириесетина“, вели Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во првите пет месеци од годинава биле спроведени 22 илјади инспекциски надзори, се што е во промет и инспекциски контролирано, е апсолутно сигурно, тврдат од Агенцијата.

„Пет месеци од оваа година имаме во внатрешен промет извшрено повеќе од 22.000 инспекциски надзори, сè со една цел, на граѓаните им обезбедиме здрава и безбедна храна“, додаде Бабовски.

Од почетокот на годинава до АХВ биле поднесени 79 иницијативи од граѓани за вршење инспекциски надзор, од кои 32 се однесувале на безбедноста на храната. Граѓаните се пожалиле на купување храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена, сомнежи за труење, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи.