Во Македонија засега не е детектирано присуство на африканска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако Грција вчера и официјално го потврди првиот случај на болеста во селото Никоклеиа во регионот на Серес.
-Поради постоење реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки, апелира АХВ.
По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на Грција вчера официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од африканска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти се известени Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE). Присуството на африканската чума е нотирано и во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS).
Освен во Грција, болеста е присутна и во Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива АХВ, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста ја има и во Полска, Литванија, Романија и други земји.
Според АХВ, во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија, се спроведуваат засилени контроли на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, ги потсетуваме граѓаните на забраната во личниот багаж да не се носи храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може да се пренесе болеста. Напоменуваме дека храната ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини, наведува АХВ.
Иако не станува збор за зооноза (болест која е опасна за човекот), африканската чума е сериозна закана по добиточниот фонд.
-Упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат угината свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на угинатите животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста. За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот, стои во соопштението од Агенцијата.
Се предочува и одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ги одржуваат и развиваат биосигурносните мерки на фармите. Свињите да се чуваат затворени, да се води евиденција за нивно движење и да се ограничи пристапот на лица и/или возила на фармите. Неопходно е да се преземаат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, опремата и возилата и контрола на штетниците и векторите на фармите. Свињите да не се хранат со помии, а кујнскиот отпад треба задолжително и нештетно да се уништи.
За секое движење, според АХВ, животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Превозните средства треба да се исчистат и дезинфицираат пред да се натоварат или истоварат животните. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни на болеста кои немаат познат здравствен статус.
АХВ воедно апелира, свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нус – производите, да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни, засилена контрола на документацијата да се врши на добиточните пазари и собирните центри, а строго е забрането и продавање животни надвор од добиточните пазари.