Освен веќе регистрираниот бугарски клуб Ванчо Михајлов во Битола, како и НВО Цар Борис Трети има најава за регистрација и на трето бугарско здружение во Македонија кое ќе го носи името на Цар Фердинанд.
Од Министерството за правда денеска информираа дека до нив не било доставено барање за регистрација на здружението Цар Борис Трети, кое во Централниот регистар било регистрирано уште лани.
Како и при регистрацијата на културниот центар во Битола, Ванчо Михајлов, Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис Трети од Охрид било регистрирано од надлежната институција, без притоа да се почитува законската регулатива, односно да се побара позитивно мислење од Министерството за правда.
Според објавата на социјалните мрежи од извесен Виктор Стојанов од Фондацијата Македонија од Бугарија, наскоро треба да очекуваме и промоција на уште едно бугарско здружение кое е најавено дека ќе биде отворено во Богданци и ќе го носи името Цар Фердинанд.
Фердинанд Сакс-Кобург-Готски бил цар на Бугарија во периодот од 1908 до 1918 година. Тој бил син на принцот Август Сакскобурготски и на принцезата Клементина Бурбонско-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип. По падот на Стефан Стамболов и Мелничкото востание, кнезот Фердинанд бил признаен за законаки владетел.
Вчера Eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија остро реагираа на регистрираните бугарски здруженија. Тие во соопштението изразија згрозеност и се чувствуваат навредени од регистрaцијата на Здружението Цар Борис Трети во Охрид, како и од леснотијата со која во Македонија се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говорот на омраза.