– Независно од тихиот отпор што постои во Македонија (претежно во срцето и во душата), би се рекло дека некои доброволно го прифаќаат ропството, сметајќи дека по пет-шест стотини години ќе нѐ ослободи некој Питу Гули, а моето внатрешно чувство ми кажува дека многумина не се подготвени за својата слобода и сметаат дека „светот“ никогаш не греши. Но дали е тоа така?
– Крајната премиса на Преспанскиот договор е Македонија постои, но таа се наоѓа во Грција. Постојат и Македонци, но тие се Грци. Единственото што не постои е „придавката“, она што произлегува од главните именки преселени на север, како на пример – македонскиот јазик.
Според академик Митко Маџунков, историјата на човештвото се поклопува со историјата на ропството. Поради познатото самозаштитничко алиби, но и поради фактичката ѕверска природа која не прифаќа да живее без војни и убиства, Големиот Родител ќе го успива своето Беспомошно Дете со своите песни дека сака да го вразуми, да му помогне да порасне, да му создаде демократски свет и правна држава, но на крајот ќе го турне во некоја дупка за да исчезне сосе својот јазик и култура и да заврши во Цревото на својот добротвор. Итрите народи и племиња кои знаат да соберат два и два, знат дека наспроти зборовите кои никогаш не се дело (освен во Литературата) постои можност да се искористи таа можност, па лепејќи се како крлежи за плунката на таквите Родители, стануваат деспотски Слуги и, на својата мала територија, ја спроведуваат истата голема игра на грабеж и асимилација. Ќе дадам еден свеж и за нас болен пример. Која е крајната премиса на Преспансиот „договор“, тој класичен аншлус, во кој се колнат не само Оние на кои ништо не им е земено, не само европските нати-македонци, не само добрите наши соседи што нѐ избришале од својата територија, туку и целиот демократски свет кој широко ги отворил вратите со влез без излез, која е, значи, крајната премиса на тоа светско чудо над чудата што журналистите наши го ставиле во џепчето како украсно марамче, кога ќе се преведе на нормален и разбирлив човечки јазик? Таа гласи: Македонија постои, но таа се наоѓа во Грција. Постојат и Македонци, но тие се Грци. Единственото што не постои е „придавката“, она што произлегува од главните именки преселени на север, како на пример – македонскиот јазик.
За академик Маџунков светот никогаш не е замислен да биде рамноправен, а лицемерието на сите политички системи, вклучувајќи го сегашното демократското устројство на светот, е да се прелаже народот, да се владее во негово име и да му се грабне сѐ што може да се грабне, првин од помалите народи според степенот на нивната неважност, а потоа и од сопствениот народ. Македонија е светски маргинален, но многу јасен пример за извиличувањето и редефиницијата на стварноста и на историјата што се случува и на општ план.
Кога станува збор, пак, за прашањето на идентитетот и идентитските компоненти, Маџунков е еден од ретките интелектуалци што гласно и јасно го кажува својот став:
„За жал, веќе неколкупати се покажа дека ние сме народ кој, во целина гледано, никогаш не верувал дека може да биде слободен и свој, туку мора да се потпре на другите и да ги слуша. Според тоа каква е сегашната состојба во „правниот систем“ на Македонија, би се рекло дека ние правно не ни постоиме зашто, да не одиме подалеку, од незаконската конституција на Собранието, сѐ што понатаму се случувало во државата е правно нерегуларно. Ние кои сме далеку од политиката, според тоа, живееме како слободни робови, си плаќаме сметки итн., па или се покоруваме на таквата држава како нејзини вазали или не ја прифаќаме. Оние што ја водат се покоруваат на големите и силните, а нивните помошници сноват како птици-секретари околу нив да чопнат некое зрно, додека ние непокорните живееме со наведнати глави верувајќи во некој свој внатрешен свет кој никому не му треба. Независно од тихиот отпор што постои во Македонија (претежно во срцето и во душата), би се рекло дека некои доброволно го прифаќаат ропството, сметајќи дека по пет-шест стотини години ќе нѐ ослободи некој Питу Гули, а моето внатрешно чувство ми кажува дека многумина не се подготвени за својата слобода и сметаат дека „светот“ никогаш не греши. Но дали е тоа така?
Освен тоа ние сме затруени со политика, ситен личен интерес и капитуланство. Никој во Европа не се откажал од својата национална држава, но нѐ убедиле ние тоа да го направиме. Зошто? Затоа што сме минато на минатото, пепел на пепелта. Откако се откажавме од уставното право за национална држава со широки права за сите државјани, македонските партии автоматски станаа државотворни односно државата стана партиска. Ако е едната македонска партија на власт, имаме еден тип партиска држава, ако е другата имаме друг тип партиска држава. Заедничката особина им е грабежот на врхушката и стрвноста на гладната база која треба да се нарани, а заедничкото проклетство што поради неслогата мораат да бидат во коалиција со некоја албанска партија кои, сите до една, им поставуваат невозможни задачи со барјачиња и црвени линии, што нив ги водат во Европа, а нас во пропаст. „Дотоворот“ со Грција е аншлус, „пријателството“ со Бугарија е капитулација, а двојазичноста е административно преземање на државата. И Албанците токму од тоа не отстапуваат, како што не се откажуваат од знамето на туѓата држава што ја сметаат за своја, но лесно се откажуваат од името на државата во која живеат зашто не им значи ништо. Имајќи право на албанска еднојазичност таму каде што е тоа битно (школи, факултети) тие бараат двојазичност таму каде што се урива државата, во судовите, во болниците, во државната администрација. Ние сме народ за жалење. За нашата Црква зборував дека е државотворна, зашто таква е традицијата на православните цркви, а таа, наместо да си стои цврсто на своето, води политика со Бугарија. Имаме врвни интелектуалци кои сметаат дека ние не сме државотворен народ. Тоа не значи ништо друго туку дека не заслужуваме држава, вели меѓудругото академик Митко Маџунков во интервјуто за што ќе биде објавено во новиот број на „Стожер“, списание на Друштвото на писателите на Македонија.