Лажните или полувистинити информации, на пример за акции, кога ги пуштаат поединци се штетни и за осуда, а кога доаѓаат од институциите стануваат корисни за одвлекување на вниманието на граѓаните од настани кои ич не се поволни за истите институции кои ги контролира власта.
На пример за одвлекување на вниманието на граѓаните од злоупотреби на тендери, службени џипови, хеликоптери, од задолжување на државата итн.
Една таква „јуначка“ вест беше објавена вчера, за жал, и на нашиот портал. Таа гласи:
„Министерството за внатрешни работи во текот на ноќта спроведе акција во која уапси седум лица на возраст од 23 до 47 години. Уапсените се осомничени дека како странски терористички борци, активно учествувале во војните во Сирија и Ирак. Претходно, за седумте лица била распишана и потерница, а се гонат за „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Оваа вест, за да не биде полувистина, и за да не го одвлекува вниманието од тоа што деновиве се случуваше во МВР со џиповите, но и пошироко со тендерите, како и многу други компромитирачки вести и настани, поврзани со актуелната власт, треба да гласи:
„МВР вчера на аеродромот во Скопје ги пречека седумте осомничени за тероризам. Нив со авион од Сирија и Ирак им ги донесоа Американците. Итн.“
Реакција за ова срамотење на институцијата денеска објави и опозицијата:
– Нивните лаги и манипулации почнаа да го уриваат угледот на државата и на меѓународно ниво, нанесувајќи непоправлива штета кај нашите партнери од глобалната коалиција за борба против тероризмот. За да ги покрие скандалите, злоупотребите и криминалите во кои се фатени пријателите на Заев, вчера повторно беше злоупотребено МВР работи за да се дезинформира јавноста со измислена голема полициска акција против терористи и радикали кои учествувале на боиштата во Сирија, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Вистината е дека МВР лажеше. Голема полициска акција немало!
– Затоа Спасовски цел ден се криеше и немаше дополнителни информации кога и каде се приведени опасните радикали, за кои што беа обезбедени информации уште во рамки на операциите Келија 1 и 2, пред МВР да биде претворено во МВР – Турс. Вистината ни ја открија денеска нашите партнери од Пентагон кои посочија дека Сириските демократски сили до јули заробиле 600 странски платеници од повеќе од 40 земји. Како што откриваат меѓународните медиуми, македонската полиција вчера немала никаква акција, туку била извршена само репатријација односно преземање на приведените македонски државјани на скопскиот аеродром, велат од опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека ја поздравува соработката со САД и останатите партнери од глобалната коалиција за борба против тероризмот, но најосторо ги осудува обидите за манипулација од страна на СДСМ и злоупотребата на институциите која што ја гледаме во моментов.
– Со вакво срамно однесување на Оливер Спасовски и МВР, само се нарушува меѓународниот углед на државата, е рекацијата од опозициската партија.
За вчерашната „акција“ денеска се огласи и МВР и соопшти дека седуммината борци на ИСИС по потекло од Македонија кои вчера ги приведе, биле лишени од слобода на Меѓународниот аеродромот-Скопје.
Терористите, за кои имаше потерница, биле донесени со авион од американската војска и биле предадени на МВР.
– Моментот на нивно лишување од слобода настапува по потврдувањето на нивниот идентитет, а тоа се случи на аеродормот во Скопје, изјавија од МВР за МИА.
Партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските демократски сили, седуммината македонски државјани ги уапсила во Сирија, под основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак.
За акцијата и апсењето терористи да има уште послиен ефект, објавено е и видео.