Грчката полиција уапсила 49-годишен маж, кој заедно со уште едно лице се товарат за 44 кражби на гуми, бандажи и делови од паркирани автомобили во Солун во вредност од над 66.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека двајцата сторители имале специјална опрема за вадење на гумите и бандажите од автомобилите за да не бидат забележани од минувачите, а од истрагата произлегло дека од крајот на декември 2021 година, главно во ноќните часови, извршиле 44 кражби на гуми, бандажи и делови од паркирани возила пред станбени згради, но и на патишта како во источниот дел на Солун, така и во центарот на градот.
Вкупната вкупна вредност на кражбите, според полицијата изнесува 66.475 евра, а при претресот извршен во домот на 49-годишникот, пронајдени биле голем број делови за автомобили (врати, електрични сензори, камери и сл.) и алат, далечински управувачи за аларми и гаражни порти и голем број клучеви за возила.