Во Струмичко по 100 евра казна за учесници на вчерашните блокади, во време кога цените растат и секој денар ни е важен за преживување, реагираат граѓани на социјалните мрежи.
Во врска со ефикасноста на администрацијата на премиерот Димитар Ковачевски и МВР на Оливер Спасовски, во целост го објавуваме прилогот од еден од учесниците на протестот од Струмичко, што го објавува на Фејсбук:
ЕФЕКТИВНА, ЕКСПЕДИТИВНА И ЕКСПРЕСНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Е ова е за пофалба!
Денес, околу 10 часот, во дворот, ме посетија неколку службеници на МВР – Струмица (полицајци во униформа, со паркирано возило на патот пред влезот на дворот, како да сум криминалец!), со цел да ми врачат казнени „честитки“. За волја на вистината, беа коректни, па на моето прашање зошто се тука, учтиво ми објаснија дека мојот автомобил незаконски бил паркиран на вчерашната протест-блокада на магистралниот пат Струмица – Радовиш (кај Василево), и поради тоа треба да платам казна во висина од 50 евра. И плус казна за моето лично присуство на блокадата, исто околу 50 евра. И, се разбира, дека ако платам во рок од 8 дена или веднаш, казната ќе биде на половина. Иако тоа, принципно, немаше да ја промени мојата одлука да бидам таму, никој од стотината полицајци што беа таму, не кажа дека тоа што се случува е противзаконски и дека за тоа следуваат казни.
Затекнат и збунет, не примив никаков документ, без претходно да се консултирам.
Не можев да поверувам дека нешто во „нашата земја“ може да функционира толку бргу и ефективно. Конечно ред и правда! Каква среќа! Уште повеќе се израдував кога слушнав дека не сум сам и дека сите кои биле на протестот добивале вакви „честитки“. Само, длабоко се разочарав кога сфатив дека само јас и мојот автомобил сме казнети. Каква неправда е што и моите две малолетни деца, не добија казна, а и тие беа таму!
Добро, бре, како не ви е срам?! Така ли мислите дека ќе го спречите автентичниот бунт што гори кај секој Македонец кој сака да го одбрани последното нешто што воопшто може да се одбрани од расипаните игри на т.н. европјани? Гнасната политичка игра што се одвива во нашите високи политички ешалони, играњето по европски ноти, виткањето грб пред асимилирачката политика на соседните држави, губењето на: името, идентитетот, јазикот, самопределувањето, историјата, традицијата, се нешта што со години вријат во секој Македонец и човек што држи до своето!
Овие бедни обиди за заплашување нема да ме спречат да го кажувам и понатаму своето мислење и да протестирам против себеуништувачките политики на високите политички врвови (наши и странски) и нивните антимакедонски дејствија! Напротив, така само потврдувате дека сум/сме во право и дека против ова зло треба да застанеме уште порешително!
Отпорот продолжува!
Да живее Македонија и се’ што не’ прави Македонци!