Обвинители на Специјалното јавно обвинителство рано утрово во 6 часот влезе во фирмите на бизнисменот Орце Камчев во Скопје, за што има неофицијална потврда од СЈО за повеќе медиуми.
Како што објавија повеќе медиуми, со судска наредба СЈО врши претрес во седиштето на Орка холдинг во Скопје, но и во други фирми надвор од Скопје. Во акцијата им асистираат и од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР, се дознава неофицијално, но не се соопштува за какви сомневања станува збор, односно какви кривични дела истражуваат со инспекторите од организиран криминал од МВР.
На 29 август 2016 Камчев беше на распит во СЈО, но Обвинителството тогаш не кажа во кое својство и за кој случај е повикан.
Бугарија на 13 април годинава побара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија со седиште во Штип, но Владата уште не ја донела таа одлука.
Според биографијата приложена во МНР, Камчев е сопственик и акционер во повеќе компании: КБ Аџибадем Систина, Аџибадем Сити Клиник во Бугарија, ЗК Пелагонија, Пелагонија Енерџи, Стопанска банка Битола, Жито Полог а.д. Тетово, Млекара Здравје Радово, Систина Нефроплус, Бетон-Штип а.д. Штип, Хотел Мериот, Хотел Ибис, Монт, Кара АД.
Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која е предмет на истрага на СЈО.
Економскиот магазин Форбс во 2016 го прогласи Камчев за најбогат Македонец, кој тогаш со 46 години беше еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките кој во 2015 го зголемил богатството.