Во Градскиот парк денеска од 10 до 13 часот ќе се одржи „Хуманитарна праскијада 2019 “, во чии рамки ќе бидат понудени праски и производи од праски, а средствата од нивната продажба ќе бидат наменети за финансика поддршка на диструбуција на храна до социјално загрозените граѓани.
Оваа манифестација, велат организаторите, од една страна е можност и иновативно решение како земјата да се справи со вишокот праски од производителите, а воедно да им се помогне на ранливите категории граѓани.
-Очекуваме посетеноста на настанот да биде голема. Луѓето кои ќе бидат дел од него ќе имаат можност да дегустираат вкусна храна и да уживаат во добра музика. Се надеваме дека овој настан ќе стане традиционален и понатаму ќе повикаме да се приклучат поголем број учесници, рече вчера на прес-конференција Блаже Јосифовски, претседател на „Сите сити“ организација која врши дистрибуција на донирани вишоци храна до социјално загрозените граѓани на кои таа им е неопходна.
Со собраните средства ќе бидат обезбедени оброци за социјално загрозените граѓани. Целта на платформата „Сите сити“ е да се соберат средства за 20.000 оброци. На настанот годинава учествуваат неколку компании, угостителски објекти, и едно училиште.
Оперативниот менаџер на хотелот Скопје Мериот хотел Игор Јордановски, апелираше за поголема вклученост на преставниците на бизнис секторот во хуманитарни настани и организации.
-Со влог кој е мал за нив, можат да дадат голем придонесе за семејствата на кои тоа им е потребно, рече Јордановски.
Во Градскиот парк ќе бидат поставени два штанда, на кои ќе бидат поставени производите. Граѓаните ќе можат да купат донаторска карта со која ќе можат да избедат некој од производите, а средствата ќе бидат донирани за дистрибуција на оброци.