Едно од главните места од каде доаѓаа информациите за тоа што се случува во Газа, сега е само руина. Израел ја урна зградата во која се наоѓаа канцелариите на Ал Џезира, АП и други светски медиуми. На вработените им беше даден само еден час време за евакуација, како и на жителите на кулата да земат што можат од своите домови. Израел тврди дека Хамас ја користел оваа зграда од 11 ката, но не дал никакви докази за тоа.
Нападот врз зградата и нејзиното уривање беше пренесуван во живо низ целиот свет. Ал Џезира соопшти дека чинот имал за цел да ги спречи медиумите да ја извршуваат својата должност, а АП наведе дека светот поради тоа ќе знае помалку за тоа што се случува во Газа.
На терен има луѓе кои снимаат и објавуваат информации на социјалните мрежи што го сменија известувањето за конфликтот. Израелските власти ги повикаа Фејсбук и ТикТок да ги отстранат содржините што „промовираат тероризам“.
– Израелските медиуми се многу моќни, пропагандата е многу моќна. Нашите приказни не можат да допрат до никого во светот. Денес, нашите вести, нашите стории доаѓаат до многумина затоа што ние ги правиме, ние ги правиме нашите стории, фотографираме, снимаме … Затоа тие почнаа да се борат против нашите приказни, изјави Маријам Афифи, палестинска активистка за Ал Џезира.
Активистите кои се борат за слободата на медиумите го обвинија Израел дека намерно гаѓа медиуми. Од почетокот на офанзивата во Газа, неколку новинари се повредени, уапсени или нападнати, а цел биле десетици канцеларии за медиуми.
Репортери без граници ја осудија „непропорционалната употреба на сила на Израел против новинарите“, додавајќи дека тие не треба да се третираат како дел од конфликтот. Многу организации тврдат дека нападите врз канцелариите на медиумите се дел од израелската офанзива. Од друга страна, Амнести Интернешнл ги обвини и палестинските власти во Газа и Западниот брег за апсења на новинари и кршење на правото на слобода на изразување. Со Закон на Западниот брег од 2017 година ставена е поголема контрола врз слободата на медиумите и секој што ќе објави каква било критика на интернет, се соочува со затворска казна од 15 години.
„Тоа е воено злосторство“
– Уривањето на зградата во Газа е воено злосторство, во таа зграда имаше не само медиуми, туку и многу домови, тоа беше голема зграда во центарот на Газа и трета што беше урната во овие напади. Тоа не е ново, нападите врз новинарите се составен дел од израелските офанзиви, вели политичката аналитичарка Нур Одех.
Арсен Островски, директор на Меѓународниот правен форум, тврди дека тоа бил напад на Хамас.
– Треба да се праша зошто овие меѓународни медиуми изнајмуваат простории на терористичка организација. Со сигурност знаеме дека Хамас има операции во таа зграда, дека прави планови за своите терористички операции во таа зграда. Прашање е зошто медиумите не видоа дека Хамас им е пред нос. Израел има право на самоодбрана, на слобода да живее, Хамас е одговорен за терористичките операции во зградата со што ја направи цел. Израел даде известување пред нападот. Хамас е одговорен за загрозување на медиумите и жителите. Тоа е кршење на меѓународното право, рече тој.
Одех смета дека е недозволиво ваквите тврдења да се повторуваат, бидејќи во меѓународното право постои пропорционалност, дури и ако некој поверува во израелските наводи.
– Она што не верувам е дека на Израел никогаш не му била потребна причина да ги нападне медиумите. Убиени се новинари кои не беа во зградата наводно со Хамас.
Колективна казна против Палестинците
Директорите на АП ја повикаа израелската Влада да обезбеди докази дека Хамас бил во објектот, бидејќи нивните новинари работеа таму 15 години и не виделе ништо што укажува на тоа дека Хамас е во зградата.
– Тешко е да се поверува дека некои вработени во АП не знаат дека работат покрај Хамас. Секој новинар треба да се запраша, зошто бил Хамас таму. Израел ги сподели доказите со американската администрација, рече Островски.
Салех Хијази, заменик-регионален директор на Амнести Интернешнл за Блискиот исток и Северна Африка, смета дека се работи за кршење на меѓународното право и оти Меѓународниот кривичен суд (МКС) треба да го испита како можно воено злосторство.
– Нападот врз зградата следи два начина на однесување, првиот е колективна казна против Палестинците во Газа, вториот е да се замолчат и да се спречат оние што информираат за тоа што се случува. На овој начин, Израел исто така забрани влез на Амнести во Газа од 2012 година.
– Со тоа што Израел не спречува да влеземе во Газа, нè спречува и да истражиме кршење на човековите права на палестинска страна. Гледаме видеа, ги проверуваме, потоа ги споредуваме со некои сведоштва и така ги проверуваме информациите, рече Хијази.
„Израел е окупаторска сила“
Островски истакна дека стотици ракети се лансираат кон цивили во Израел и праша што е пропорционален одговор на тоа, обвинувајќи го Хамас дека се крие зад цивилните структури, додека гаѓа цивили во Израел.
– Ниту една земја во светот не би го дозволила тоа. МКС треба да ги испита Хамас и Исламски Џихад и нивниот спонзор Иран. Хамас е терористичка организација со примарна цел да го уништи Израел. Хамас ја презеде Газа и ги држи како заложници луѓето во Газа и во Израел. Наместо да има резерва на вакцини против Ковид-19, тој има резерви на ракети. Хамас е тој што држи заложници.
Одех на ова одговори дека ова е старо тврдење и оти Палестинците повеќе од половина век се под окупација која е насилна во секоја смисла, додека Газа е под опсада.
– Израел е окупаторска сила и нема право да трауматизира, да убива Палестинци под изговор за самоодбрана и да ја одржува окупацијата. Ова не почна со Хамас кој произведува ракети или увезува ракети, почна со израелската окупација затоа што има земји кои го покриваат Израел и му даваат воена помош. Затоа сме тука, не затоа што некоја организација одеднаш се разбуди и дојде на идеја да спроведува терор. Уморни сме од потсетување на светот дека и ние сме луѓе.