Алармантната состојба во овчарството и ниската откупна цена на јагнето, ќе бидат темите на годишното собрание на Сојузот на овчари што ќе се одржи денеска во Министерството за земјоделство.
Сточарите од собранието ќе упатат директно барање до Владата – да им обезбеди вонредна мерка во вид на финансиска поддршка за да не работат, како што велат, со загуба.
– Откупната цена за прва класа јагнешко е 140 денари/килограм жива мера, а за втора 130. Според последните проценки врз основа на производните трошоци, цената треба да изнесува 182 денара. Но, ние сепак, не ја земаме предвид таа цена, туку остануваме на „старата“ од 175 денари што беше претходно утврдена. Затоа ќе побараме вонредна мерка за доплата како кај тутунот, но до 40 денари за килограм, вели за МИА претседателот на овчарското здружение „Агроцентар“, Митко Јанков.
Јанков објаснува дека висината на поддршката нема да биде за сите овчари иста, туку ќе зависи од постигнатата откупна цена на јагнето, но битно е, додава, да биде максимум 40 денари.
-Поддршката да се утврдува врз основа на откупната белешка каде јасно стои колку тежело јагнето и за колку е продадено, е нашиот предлог. Белешката ќе се однесе во Општина и таму на секој од нас ќе му се доплати, нагласува Јанков.
На собранието на овчарите се очекува да присуствуваат претставници од Владата и од Министерството.