Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај девојчињата на 15-годишна возраст во земјава, при што повеќе од една третина се чувствуваат осамено, а дури 21 отсто сериозно размислувале за самоубиство. Кај момчињата на иста возраст 12 отсто имале чувство на осаменост, а 10 отсто помислиле сами да си го одземат животот.
Тоа се дел од националните наоди во рамки на меѓународната ХБСЦ студија „Однесувања поврзани со здравјето на децата на училишна возраст од 11 до 15 години“, што ги направи Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ од Скопје, во партнерство со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот во Тетово, а што денеска беа презентирани во Кочани.
Испитувањата во студијата се направени на репрезентативен примерок од 5.132 ученика кои скоро подеднакво се распределени во групи на возраст од 11, 13 и 15 години.
-Со возраста на децата се зголемува процентот на оние кои се пожалиле на психосоматски тегоби еднаш неделно, при што позасегнати, со 64 отсто, се девојчињата на 15 години, додека момињата се со 37 отсто. Родовите разлики се уште поизразени кај депресивното расположение, при што една третина од момчињата и над една половина од девојчињата дале позитивен одговор на ова прашање. Во однос на тоа колку се задоволни од животот, младите кај нас се во горната половина во однос на нивните врсници на светско ниво, но повторно се забележува опаѓање со зголемување на возраста. 70 отсто од девојчињата и 63 отсто од момчињата на 11-годишна возраст одговориле позитивно, додека 40 отсто девојчиња и 33 отсто момчиња на возраст од 15 години рекле дека се задоволни од животот, истакна Маја Цветаноска,
истражувач во ХБСЦ студијата.
На презентацијата беше нагласено дека 40 отсто од младите во државата изјавиле оти живеат во сиромаштија, а само 20 отсто биле релативно имотни, при што традиционалните заедница и вредности генерираат родови нееднаквости, дискриминација и насилство. Младите се среќаваат со амбиент на нетолеранција на различностите и неказнивост на насилствата во семејството, училиштето и заедницата.
-Скоро приближен процент од 35 отсто момчиња и девојчиња на 15 години изјавиле дека еднаш или повеќе пати во еден месец користеле алкохол, додека 22 отсто момчиња и 19 отсто девојчиња во истиот период пушеле цигари. Една петина од испитаниците од двата пола на иста возраст се пожалиле на малтретирање, а по околу 15 отсто биле жртви на сајбер малтретирање. Четириесет отсто од момчињата, а 24 отсто девојчиња учествувале во тепачки, истакна Иван Христов, истражувач во ХБСЦ студијата.
Во рамки на презентацијата во Кочани беа изнесени податоци и за проблематичното користење на социјалните медиуми, ризичните однесувања на младите при вљубување, сексуалната активност во адолесценцијата, приврзаноста кон училиштето, поддршката од семејството и наставниците и други параметри. Заеднички беше заклучокот дека родовите нееднаквости ги засегаат сите млади, без разлика на етничката припадност, религиските уверувања и сексуалната ориентација.
Фото: МИА