Собранието на албанските советници од трите општини на југот на Србија, Бујановац, Прешево и Медвеѓа, на денешната седница усвоија Политичка декларација, со која бараат од косовски институции и од властите во Белград, во дијалогот за нормализирање на односите, да се вклучи и статусот на Албанците од Прешевската долина.
Во декларацијата стои дека решението за ова тие го гледаат преку примена на принципот на реципроцитет со правата на Србите во северно Косово.
Во Политичката декларација се наведува дека без решавањето на правата на Албанците во Прешевската долина не може да дојде до реална нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, барајќи притоа косовскиот претседател Хашим Тачи да ги застапува во Бриселскиот дијалог.
Албанците тврдат дека се малцинството кое е најдискриминирано во Србија и дека се „жртва” на несогласувањата меѓу Белград и Приштина.
На денешната седница беше усвоен и е заклучок, со кој се бара „полна реализација на колективните права на Албанците во рамките на највисоките стандарди предвидени со меѓународните документи на ОН, ЕУ и Советот на Европа и добрата пракса на Оландските острва, Јужен Тирол и Косово.
Тие исто така бараат суштинско зголемување на континуираниот мониторинг од меѓународната заедница поради реалната проценка на положбата на Албанците во Прешевската долина.
На Политичката декларација и барањата на Албанците реагираше претседателот на Координационото тело на српската влада за општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа, Зоран Станковиќ.
Тој изјави дека Албанците од југот на Србија не се тема на разговорите во Брисел и нивното усвојување на Политичката декларација е повеќе од политичка природа, заради претстојните избори во ноември за Националниот совет на Албанците во Србија.