Со пристигнувањето на Новата година, во Албанија стапија во сила неколку значајни одлуки што Владата ги донесе во последните два месеца.

Една од нив е затворањето на сите обложувалници и електронските казина, кои ги имаше низ главните улици во градовите во Албанија. Казината ќе бидат достапни само во хотели со пет ѕвездички ширум земјата, кои се наоѓаат надвор од урбаните области. Министерот за внатрешни работи деновиве предупреди дека од први јануари секоја од обложувалниците која нема да биде затворена ќе се третира како парцела со марихуана.

Втора многу значајна одлука е двојното намалување на тарифата за студирање, одлука која ја донесе Владата по масовните студентски протести.

Во сила денеска стапи и одлуката која е во интерес на земјоделците, за кои таксата од 20 проценти за увоз на земјоделска механизација се укинува.

Како многу значајна се оценува и одлуката за паричен надоместок за новороденче. Родителите за нивното првородено дете ќе добиваат по 400.000 леки (за едно евро се добиваат 124 леки), 800.000 за второ и 1,2 милиони леки за третородено дете. Доколку бидат близнаци или тројка секое дете ќе добие по еден од споменатите износи.

Првите чекови премиерот Еди Рама им ги врачи денеска на мајките на новороденчињата во клиниката „Кочо Гложени“ во Тирана.