Собранието на Албанија од денеска и официјално е без опозиција, откако лидерот на опозициската Демократската партија, Љуљзим Баша до Претседателството на Парламентот ги достави изјавите потпишани од пратениците со кои тие се откажуват од пратеничките мандати.
Баша ги достави изјавите по завршувањето на протестот пред Парламентот, на кој беше побарана оставка на премиерот Еди Рама и распишување предвремени парламентарни избори.
Од пред Парламентот, учесниците на протестот предводени од лидерите на опозициските политички партии, се упатија кон Владата, во чија непосредна близина се и работните простории на Претседателството на Законодавниот дом.
– Денеска и официјалано се откажавме од криминализираниот Парламент. Од денеска и ние сме обични граѓани. Битката ја продолжуваме се до соборување на криминалецот Рама – Мадуро на Балканот. Рама оди си заедно со твојата криминална банда. Албанија заслужува подобра иднина со вашата слободно изразена волја на еропски избори. Ја сакаме Албанија како цела Европа. Слобода, демократија, победа. Бог да ја благослови Албанија, порача Баша пред насобраните граѓани по доставувањето на изјавата, по што протестот заврши со пеење на националната химна.
Претходно, на протестот на обединетата албанска опозиција, што почна во 10:00 часот со куси обраќања, пратениците јавно се откажаа од мандатите со повик „Рама оди си“. Последни се обратија лидерите на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади и Баша, кои исто така се пратеници.
Двајцата порачаа дека враќање нема, дека никогаш нема да признаат премиер со купени гласови, дека мандатите им припаѓаат на граѓаните кои не заслужуваат Влада како оваа на Рама и повикаа на победа на изборите.
Баша со порака и до „странските дипломати и пријатели“ дека опозицијата не е насилен народ. Тој рече дека по оставката, премиерот Рама мора да оди пред лицето на правдата и ја повика полицијата да не дозволи „криминалецот Рама да ја напушти земјата“.
– Граѓани на Тирана и на цела Албанија на ваша страна и со Вас до победа. Господ го почна пролетното патување многу порано и со помош на Бога обединетите Албанци го почнаа патувањето на надежта. Ова патување, кое започна со најголемиот сојуз на Албанците во 29-годинишната слобода и плурализам, ќе продолжи непречено до отстранувањето на Владата на криминалот, за криминалот и со криминалот. Рама оди си ! Рама оди си! Нека чуе светот, порача меѓу другото Баша.
Инаку, за разлика од претходниот протест, одржан во саботата, денеска околу Парламентот имаше многу поголемо присуство на полиција, Националната гарда и на специјални полициски единици.
Околу Парламентот беа поставени седум полициски кордони,од кои по три со припадници на единицата за брза интервенција и специјалната единица „Шќипоња“.
Ваквите мерки беа преземени поради информациите на полицијата дека е планиран насилен упад во Парламентот.
Денеска пред првиот полициски кордон имаше поставено обезбедување од страна на органзаторите на протестот,со бела лента на левата рака.