По отежнатата состојба во Албанија што ја создаде невремето, посебно на југот од земјава, во Фиер и Валона, каде има поплави, но и снегот кој завеа повеќе населени места во северниот и североисточниот дел на земјата реагираше претседателот Илир Мета.
-Со особено внимание ја следам критичната состојба настаната како последица на лошите временски услови и мерките што се преземаат за нејзино надминување во некои подрачја поплавени и блокирани од снежните врнежи. Бев информиран дека состојбата е попроблематична во округот Фиер, особено во административната единица Леван, село Ферас, каде што се евакуирани 15 семејства, а стотици хектари земјоделско земјиште се под вода“, наведе Мета на Фејсбук.
Додава дека поплави има во регионот на Валона, особено во областа Мифол каде поплавената површина на земјоделско земјиште надминува 1.200 хектари, додека многу села во Лумин и Валона се изолирани.
Исто така во северниот, североисточниот и југоисточниот дел на земјата многу области се блокирани од обилни снежни врнежи, завеани населени места и многу од нив без електрична енергија.
-Во знак на солидарност со жителите погодени од последиците од лошите временски услови, ги повикувам сите одговорни државни институции да бидат целосно посветени на безбедноста на животот и имотот, напиша Мета.
Смета дека како и во минатото проблемот лежи во фактот што Цивилната заштита и Префектурите претходно не го известиле населението во подрачјата со висок ризик.