Албанскиот премиер Еди Рама, во својство на лидер на Социјалистичката партија, потврдно одговори на поканата на претседателот Илир Мета за средба околу одредувањето датум за парламентарните избори.

На денешната средба во 11:00 часот Рама кај Мета ќе оди заедно со Таулант Бала, генерален секретар на партијата и координатор на пратеничката група.

Денешниот ден ќе биде многу интензивен за претседателот Мета, кој ги почнува консултациите со политичките партии околу датумот за изборите во 2021 година.

Пред средбата со Рама, тој ќе оствари одделни средби со лидерите на Партијата за правда, интегритет и единство, Шпетим Идризи и Дашамир Шехи на Движењето за национален развој.

На пладне е предвидена средба со лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, по што планирани се средби со Луан Рама од Движењето за социјалистичка интеграција и со Рудина Хајдари од парламентарната опозиција.

Во поканата што Мета во вторникот ја упати до лидерите на партиите,откако наведува дека тоа е во рамки на неговите уставни надлежности и веќе воспоставената добра соработка, завршува со зборовите „со верба и благодарност за овој важен процес“.

Последните парламентарните избори во Албанија се одржаа на 26 јуни 2017 година. На овие и на претходните, во 2013 година, победата ја однесе левата коалиција, предводена од социјалистите на Рама.

Можниот датум за следните избори на кои ќе се избираат 140 пратеници, треба да биде меѓу 15 април и 15 мај 2021 година.