Поради пандемијата со Ковид-19 учебната 2019/2020 година во Албанија ќе заврши без можност учениците и студентите да се вратат во училишните простории.

Информацијата вечерва ја соопшти министерката за образование Беса Шахини преку онлајн комуникација.

-Како што ви ветив, би сакала да ве информирам за одлуката што ја донесовме, за крајот на учебната година. Училиштата и универзитетите во Албанија, кои беа затворени на деветти март, ќе останат затворени поради ситуацијата предизвикана од глобалната пандемија, Ковид-19. Повторно ќе се отворат во септември,изјави Шахини.

Таа додаде дека училиштата ќе се отворат само за матурантите и тоа од 28 мај до петти јуни.

-Одлучивме да ги отвориме училишта за матурантите и тоа од 18 мај до 5 јуни за полагање на предметите од државната матура,со почитување на социјална дистанца. Во училниците ќе се дозволува присуство на 10-12 до максимум 15 ученици. За таа цел ќе користиме и објекти на основни училишта, рече министерката Шахини.

Посочи дека наставата од далечина за сите учениците од деветолетките и трите години на средните училишта, ќе продолжи до 29 мај кога и завршува учебната година или две недели порано од вообичаено.

-Причината за донесување ваква одлука е големиот број ученици во училиштата. Од катастрофалниот земјотрес од 26 ноември дел од училишните објекти се урнати а дел многу оштетени, поради што во останатите училишта наставата се одвиваше и во две смени,па не можќеме да обезбедиме социјална дистанца, објасни Шахини.

Инаку, Албанија има 10 мртви на еден милион жители за кои како причина се смета корона вирусот, за разлика од Македонија која има 35 мртви на еден милион жители.