Албанската министерката за туризам и животна средина Мирела Кумбаро објави дека минатата година Албанија ја посетиле 7,5 милиони странски туристи.
Според неа, нивниот број е поголем за 1,9 милиони споредено со 2021 година и 18 отсто повеќе од 2019 година, која досега го држеше рекордот по посетеност.
Кумбаро истакна дека покрај зголемениот проток на посетители интересни се и податоците за географијата или земјите од кои доаѓаат туристите.
– Имаме 85 отсто повеќе посетители од Англија, 3,7 пати од Шпанија, двојно повеќе од Словенија, трипати повеќе посетители од Холандија, 84 отсто од Турција; двапати од нордиските земји и секако гостите од Косово кои се наш најсилен столб, наведува Кумбаро.
Таа додаде дека истиот тренд го покажуваат и посетителите од Балканот, од Македонија и од Црна Гора, додека за над 50 отсто е зголемен бројот на туристи од Романија, Хрватска и Бугарија.
– Бескрајна благодарност до целиот туристички сектор и засукајте ги ракавите за оваа година. Имаме најголема обврска да понудиме максимален квалитет во услугата, посочува Кумбаро.