Централна банка на Албанија соопшти дека минатата година заштедите во евра на албанските граѓани пораснале за 9,5 отсто и првпат ја надминале бројката од четири милијарди евра.
Податоците покажуваат дека еврото продолжува да биде главна валута во која Албанците претпочитаат да ги чуваат своите заштеди и овој тренд не е намален ниту со падот на вредноста на европската валута во однос на лекот.
Минатата година европската валута ослабна за речиси 7,3 отсто во однос на лекот, што е намалување од 133,2 на 123,4 лека, колку што изнесува во моментот.
Во почетокот на 2018 година, албанскта Централна банка, Министерството за финансии и Управата за финансиско надгледување почнаа правна кампања насочена кон зголемување на употребата на лекот во албанската економија и намалување на употребата на еврото.
Како резултат на мерките кои ги препорачуваа споменатите институции, многу приватни банки значително ги намалија каматните стапки на депозитите во евра. Но, и покрај тоа, Албанците продолжуваат да го претпочитаат еврото како главна валута за да ги зачуваат своите заштеди.
Од друга страна депозитите во домашна валута, лекот, минатата година се намалиле за 3,5отсто.