Цигарите од декември ќе добијат нова цена, нов изглед и ќе станат двојазични.
Тоа ќе биде второ поскапување годинава за 5 денари, а новина е и пакувањето на цигарите. Според измените во законот за тутун, кој е на сила од мај лани, производителите имаа 18 месеци за да ги прилагодат производите на новите барања. Рокот истекува во ноември и потоа на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот ќе биде и на албански односно на писмото кое го употребуваат најмалку 20 отсто од населението.
Друга промена е тоа што во продажба нема да може да се пуштаат кутии кои не се квадар и бројот на цигари не смее да биде помал од 20 парчиња. Ова значи дека малите пакувања веќе нема да ги има во продажба.
Во иднина на цигарите нема да смее да пишува дека се лајт или слично. Членот 70 од Законот за тутун предвидува дека не е дозволено на кутијата да се содржат термини кои ќе упатуваат на тоа дека производот е на пример, помалку штетен од другите.