Албанските владејачки социјалисти ја обвинија коалицијата Бериша-Мета дека се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во земјата и побараа под итно да се отвори истрага за Бериша и Баша за „руските рубљи“, што партијата ги добила за избори.
Ваквата изјава доаѓа на неколку дена пред 12 ноември, датумот кога опозицијата свика национален протест против владата на премиерот Еди Рама.
-Додека цела Европа е под закана од војна која не се случува само во Украина, туку ја зафати цела Европа, она што паѓа во очи е обидот на старата алијанса меѓу Сали Бериша и Илир Мета да им наштети на интересите на Албанија во овој тежок и историски момент. Опозицијата во Албанија сака да ја дестабилизира земјата. Никој не треба да им верува и да оди со овие двајца. Сериозно е што овие двајца денес во Албанија го зборуваат истиот јазик како што зборува путиновиот Лавров, изјави Таулант Бала координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија и генерален секретар на партијата.
Бала го критикува Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) барајќи од него одговор зошто не отвора истрага поврзана со сомнежите за финансирање со руски рубљи на опозициската ПД.
-Големо жалење е што СПАК сè уште не почнал истрага за тоа како една политичка партија завршила во границите на Кремљ. Го повикувам господинот Арбен Краја (прв човек на СПАК) веднаш да почне истрага за ова прашање од национален интерес. Под итно да се повикаат Љуљзим Баша и Сали Бериша и сите што си ги наполниле џебовите со руски рубљи, додаде тој.
Бала, исто така, ги повика демократите да се оградат од Бериша.
-Ги повикувам сите демократи во овие услови во кои ни е потребна што поголема солидарност со Косово, што поголемо единство меѓу себе, да се откажат од она што остана од ПД за тесни интереси на еден поединец, рече Бала.
Сали Бериша, кој го предводи побројното крило на ПД и Илир Мета, лидер на Партијата на слободата, откако потпишаа договор за заеднички настап на локалните избори, на 14 мај следната година, најавија одржување антивладин протест на 12 месецов пред владата во Тирана.