Обвинителството во Тирана почна истрага околу јавно објавените факти во врска со изборот на компании за проектот за изградба на големата обиколница во Тирана.

Верификација се прави за кривичните дела „злопотреба на службената положба“, „фалсификување на документи“ и „непочитување на еднаквоста на тендер“.

-Обвинителството почна истрага во врска со јавно објавените факти околу прашањето за регуларноста на активностите поврзани со планираната изградба на големата обиколница. Верифкацијата се прави за кривичните дела злоупотреба на службената положба, за фалсифкување документи и непочитување на еднаквост на тендер, врз основа на членовите 248, 186 и 258 од кривичниот законик, соопшти Обвинителството.

Претходно, албанската државна агенција за патишта нареди прекин на градежните активности за дел од обиколницата, од месноста „Мостот на Лана“ до надвозникот кај плоштадот „Орел“ (Шќипоња).

Агенцијата соопшти дека почнале со верификација по „скадалот објавен во телевизиска емисја“ во врска со фалсифкуваните документи на компанијата Dunwell Haberman (матична компанија на ДХ Албанија), која требаше да го гради споменатиот дел од обколницата за 18 милиони евра. Оттаму додаваат дека доколку се потврди дека постои фалсификување, договорот ќе биде раскинат.

Во емисијата на телевизијата Њуз 24 беше објавена комуникација со властите во САД од која се потврдува дека документите што ги поднела фирмата во Албанија се фалсификувани.

Имено, со цел да го добие тендерот компанијата го фалсификувала денот на формирањето. Вториот документ за кој постои сомнеж дека е фалсификуван е потврдата дека фирмата нема фискална обврска кон државата.