Под истрага на албанското специјално јавно обвинителство, СПАК, се 20 лица кои моментално живеат во оваа земја, бидејќи се осомничени дека се дел од терористичка ќелија.
– Станува збор за поранешни членови на иранската муџахединска организација, кои се отцепиле од оваа организација и кои сега се осомничени дека вршеле забранета активност на територијата на Албанија во име на терористичката организација на Револуционерната гарда на Иран и тамошните тајни служби, јави Ора њуз.
Според истиот извор извршен е инспекциски надзор во канцелариите на здружението со кое раководи поранешен член на МЕК, по име Хасан Хејлани и во 11 станови во Тирана, кои ги користат овие ирански државјани и во два автомобила на истите лица.
Извори за Ора њуз прецизираат дека контролата била извршена во среда, на 14 јули, по агенда на Националното биро за истраги и антитерористички агенти, дел од овие лица биле испрашувани, а потоа ослободени истиот ден.
– Дваесет поранешни членови на МЕК се осомничени дека биле платени од иранските тајни служби и Иранската револуционерна гарда, за добивање информации и спроведување акции против муџахедините кои живеат во кампот Манез во близина на Драч, наведува телевизијата.
Во кампот се сместени околу четири илјади муџахедини. Врз основа на договорот меѓу албанската влада и САД, првата група муџахедини, кои припаѓаат на организацијата Народни муџахедини на Иран (МЕК), во Албанија пристигна во средината на мај 2013 година, од бегалски кампови во Ирак.
Ова не беше прв случај Албанија да прифати американско барање за прием на лица порано сметани за терористи и на кои им се заканува прогон. Во 2006 година Албанија се согласи да прими петмина припадници на муслиманската заедница Ујгури од западна Кина, кои беа заробени од страна на американската армија и држени како осомничени исламисти во базата Гвантанамо.