Владата планира споменикот Воинот  на коњ да го преименува во Александар Македонски, но, на него ќе има табла со објаснување дека е симбол на хеленската (грчката античка) историја.
Но, она што не може Владата да го избрише или пак да го реши со поставување на табла, е фактот што Александар Македонски два милениума живее меѓу Македонците, живее во нивната колективната свест. Македонците го сметаат за Македонец и традициите поврзани со него се проткајуваат низ сите историски периоди, од доцната антика до денес.
Александар Трети Македонски или Александар Велики (како што го нарекле Римјаните) е роден на 22 јули 356 година пред новата ера во градот Пела.
Во глобални рамки Александар Македонски несомнено оставил голем белег, и неспорна е неговата вредност, општа и цивилизациска, особено по неговиот космополитски дух и неговиот однос кон освоените култури кон кои се однесувал со почит воден од мислата да ги обединил во една светска држава. Славниот војсководец, кој ги освоил грчките градови-држави, ја покорил моќната Персиска империја, а границите на Македонија ги проширил до Индија е голем предизвик за научниците да дојдат до некој неоткриен документ, извор, доказ поврзан со неговиот живот.
А дека тој живеел меѓу обичните луѓе на овие простори покажуваат зачуваните народни преданија и песни за славниот војсководец.
Посебно место во народната свест за Александар Македонски има неговата потрага по т.н. „жива вода“ од која се станувало бесмртен.
 „Цар Александар сакаше да одит, да ја земит бесмртната вода. Но, кој одеше, никој не се враќаше назад“, вели преданието запишано од Шапкарев. Александар ја пронаѓол водата, но сестра му го скршила шишето, по што побегнала, се фрлила во море и се претворила во делфин кој, кога ќе го чуе името Александар, се крие во морските длабчини. 
Во периодот 1844-1845 година, Царството Русија во Македонија го испратило Виктор Иванович Григорович во улога на фоклорен истражувач. Во тоа време, всушност, таква или слична улога  имале странските емисари чија задача, со денешен термин кажано, била разузнавањето. Уште тогаш, за посетата на Македонија, Григорович запишал: „Јас не слушнав други имиња, освен имињата на Александар Велики и Крале Марко“.
 Кресненското востание од 1878 година својата подлога исто така ја бара кај славниот војсководец. Во Уставот на востанието, односно неговиот Правилник, членот 1 буквално вели:
„Со нашата крв што ја пролеваме во планините и горите македонски, ние служиме како македонска војска на Александар Македонски за слободата со нашата девиза Слобода или смрт “.
 
 
Го имитирале римските влдетели
Според историчарот, Митко Панов славните македонски кралеви Филип Втори и Александар Трети постојано се присутни во колективната меморија на Македонците и традициите поврзани со нив се проткајуваат низ сите историски периоди, од доцната антика, рана Византија, византискиот период, средниот век и подоцна. За Панов не е воопшто спорно етничкото потеклото на славните кралеви, оти според изворите, тие биле Македонци.
Претсмртна изјава на Александар да го наследи најсилниот, претставувала вовед во граѓанската војна која ја зафатила Македонија. И во тој период се случуваат континуирани конфликти меѓу генералите на Александар во што се вмешуваат и други страни кои се инволвираат и ја користат војната, т.н диадоси, односно наследници на Александар.
– Она што сакам да го потенцирам, е фактот дека, по неговата смрт, во Грција, односно во Тесалија (оти Грција како поим во тоа време не постои) доаѓа до мобилизирање за да се отфрли деспотизмот на Александар. Тоа укажува на посебноста на Македонците од Хелените иако биле поделени по градови-држави. И тој конфликт е континуирано присутен и во време на Касандар, според мене најдобриот македонски крал, кој се обидувал да го сочува јадрото на Македонија, за разлика од другите кралеви кои претендирале да освојат што поголем дел од светот – вели професорот Митко Панов.
Касандар, според тогашните римски и грчки автори, е човек кој воспоставил некој вид окови на хеленските градови, и сето тоа укажува на политиката на македонската држава, односно на кралството, да има контрола врз хеленскиот свет, наспроти Македонците кои биле носители на државноста на македонското кралство.
Панов посочува дека во изворите не постои термин антички Македонци, туку само Македонци. И сите автори, без разлика дали се тоа римски или грчки ја признаваат посебноста на Македонците од Хелените. За жал од тој период нема македонски извори, но и тоа е дискутабилно, вели историчарот. Интерпретацијата на тој период се заснова на тоа како другите ги гледале Македонците, а тој поглед секогаш бил таков што се правела разлика од Хелените и Римјаните и им се признава таа посебност како народ и традициите поврзани со Александар и Филип. Според Панов, токму тие традиции ќе бидат основата да се задржи компактноста меѓу Македонците по освојувањето на македонската држава од страна на Рим.
 
 
Галериј зачнат како и Александар
 
– Александар Трети, како личност, е постојано инспиративен модел, не само за Македонците кои што го сметаат за свој лидер, кој обединувал и воспоставил хегемонија врз хелескиот свет и стигнал до Индија, туку и за римските императори.
Она што е интересно, и што го истражував, е дека римските императори биле инспирирани од Александар дури и се поистоветувале со него, сметале дека се негова реинкаранација, го имитирале во секој поглед, со цел да ја издигнат својата величина за да се мотивираат за походите кон исток. Покрај, поистоветувањето со Цезар и Август, и Александар бил модел за императорската моќ на Рим – вели историчарот Панов.
Тој го посочува император Максимијан Галериј, кој во 299 година го одбира градот Солун како седиште, а неговиот мотив бил тенденцијата да го имитира Александар.
– Некои истражувачи сметаат дека тој бил суеверен и тврдел дека самиот тој е реинкарнација на Александар и дека е самиот е зачнат од Олимпијада од некој змеј. Така стои во изворот. Неговата амбиција била да застане сам на престолот на Римската империја која била поделена на четири дела. Тој сакал да ја обедини империјата  и Солун да биде главното седиште. Ако успеел во тоа настаните би добиле сосем поинаков историски развој кога се во прашање Римската империја, Византија, Балканот и Македонија. Но во тоа не успеал. Тој го збогатил Солун со  многу градби, палати, мавзолеи. Градот го стекнал својот углед во тогашниот свет. Токму Македонија била тежиштето на неговата империјална политика, која ја црпел од тенденцијата да се поистовети со Александар Македонски – објаснува Панов.
Околу тие традиции поврзани со Александар, Панов посочува дека Антипатар Солунски, кој пишува епиграми во првиот век пред нашата ера, забележал податок дека Солуњаните го наградиле римскиот провинциски управник Калпурниј Пизон со тоа што му дозволиле да ја носи македонската капа која ја носел Александар.
Антипатар Солунски во епиграмите кажува дека Солун е мајка на цела Македонија. Овој град, таков епитет добива во римскиот период како симбол за обединување на Македонците и Македонија и тој епитет го задржува и во средновековието и периодот на Византија, професорот.
– Солун е во фокусот на вниманието на авторите, како главен град на провинцијата Македонија и втор град во Византија. Другите градови се делумно запоставени, иако Стоби во четвртиот век бил седиште на провинцијата Македонија – тврди Панов.
 
Византија го брише терминот Македонија
 
Во 14 век кога Солун е нападнат од Османлиите, византискиот управник ги мотивира граѓаните да го бранат градот со зборовите: Вие сте потомци на Филип и Александар и бранете ја својата татковина како што тие ја бранеле.
– Друго е прашањето што византиската идеологија игра голема улога во претставата од тоа време. Византија во голема мера ја брише индентификацијата на населението и територијата со терминот Македонија. Василиј Први, основачот на македонската династија и неговите наследници, креираат една генеолошка врска, по машка линија со ерменските Арсакиди (да се прикаќе тоа старо потекло), а по женска линија со Константин Први и Александар Македонски и така самата династија се накитила со александрововиот сјај. Така стои во изворот од Константин Седми Порфирогенит, кој и самиот потекнува од династијата на Василиј Први – истакнува Панов.
Тој додава дека тоа е таа династија која имала скромно потекло и не потекнува од Македонија, туку од темата Македонија во западна Тракија. Василиј Први ги користи македонски традиции и Александар за да создаде сопствена фабрикувана генеологија. Од династијата на Василиј Први сметале дека се Македонци.
– Кога Василиј Втори се бори со Самуил, едноставно имате судир на два концепти, при што кај Самуил јадрото на државата и царството е Македонија, а Василиј Втори се идентификува како Македонец. Тука имате судир на правото на користење на името Македонија – вели Панов.
 Нема докази за масовно населување на Словените
 
Во СФРЈ од политички причини беше форсиран словенскиот концепт. Во првата книга за историја  на Југославија, Македонците се индентификувани како Илири.
Во време кога Крсте Црвенковски станува секретар на СКМ во 70-те од минатиот век, се јавува една понационална линија и започнува проучување на античка Македонија, кое претходно го нема. Тогаш излегува тротомната историја каде што првпат се пишува за античка Македонија. Во тоа време првпат излегува и монографија за Самуил.
– Тогаш се првите написи кога нашите историчари се обидуваат да дадат објаснување за континуитетот на античките Македонци и тој процес на симбиоза со Словените. Иако, доминира концептот на словенството – вели Панов.
Според него, тоа сега во историите во западните демократии се ревидира, се анализира и е потврдено дека нема археолошки наоди, нема докази за тезата дека Словените масовно ги населиле овие простори. Се добива една сосема друга димензија дека постои континуитет меѓу домородното население и новите групи населени во Македонија. Нив Византија ги идентификува како Славинии, а подоцна, по создавањето словенската азбука, се воспоставува и терминот Словени. Сега се анализира од друг аспект дека тоа не се маса на луѓе кои во 7 век ја преплавуваат пола Европа, туку тоа се мали групи на војски кои се населуваат на одредени простори.
Тој додава дека ние немаме наоди кои би не идентификувале како Словени, за разлика од ситуацијата во Хрватска, па дури и во Грција, каде има повеќе наоди кои укажуваат на  словенско присуство.
Угледниот археолог Иван Микулчиќ во своето дело Средновековни градови и тврдини во Македонија објавено 1996 година, тврди дека не се регистрирани археолошки (материјални) траги од присуство на Словените  на нашето подрачје од 7, 8 и поголемиот дел од 9 век.
Неможноста на науката да потврди дека во 7 век дошло до масовно населување на Словените на овие простори дава сосема друга димензија на прашањето за врската на денешните Македонци со Александар Македонски.