На денешен ден

4 април 2019 

188.- Роден е римскиот цар Марко Аурелиј Север Антонин Август Каракала, еден од најпознатите тирани во римската историја. Со татко му Септимиј Север владеел од 198 до 211 година, а потоа сам, крајно сурово, го погубил дури и својот брат, додека и самиот не бил убиен во 217 година. За да го ублажи незадоволството, главно во провинциите, во 212 година им дал граѓанско право на сите граѓани на Римското Царство кои се родени како слободни.

1617.- Умрел шкотскиот математичар Џон Непер кој ги пронашол логаритмите и ги објавил принципите за нивно пресметување.

1786.- По углед на Француската академија, шведскиот крал Густав Трети ја основал Шведската академија позната во светот по тоа што ја доделува Нобеловата награда за литература. Прв добитник на Нобеловата награда за литература бил францускиот писател Рене Сили Придом (во 1901 година).

1896.- Роден е американскиот писател Роберт Еме Шервуд. Дела: „Идиотска радост“, сценарио за филмот „Духот патува на запад“, „Најубавите години на нашиот живот“.

1945.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Флака е влазеримит“ („Пламен на братството“), прво гласило на албански јазик во Македонија.

1949.- Во Вашингтон, министрите за надворешни работи на САД и на 11 западноевропски држави го потпишале Атланскиот пакт (НАТО), воен договор, со кој била создадена силна воено-политичка формација на западните сојузници.

1968.- Во Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси, убиен бил Мартин Лутер Кинг, борец за граѓански права и за мир. Целиот свој живот, упорно работел против расната сегрегација, беззаконието и поделеноста. Добитник бил на Нобеловата награда за мир во 1964 година. Во 1967 година ја предводел колоната од околу 300.000 демонстранти во големиот „Марш на мирот“ во Њујорк, протестирајќи против американската војна во Виетнам. Роден бил во 1929 година.

1969.- Во Хјустон, САД била извршена првата операција за вградување на вештачко срце во човековиот организам. Четириесет и осумгодишниот пациент умрел по четири дена.

1979.- Во Пакистан бил обесен поранешниот премиер Зулфикар Али Буто, соборен од власт во јули 1977 година со воен удар на генерал Мохамед Зије ул Хак. Судот на диктаторскиот режим на Зије го осудил на смрт под обвинение дека наредил убиство на политички противници.

1983.- Умрела американската театарска и филмска актерка Глорија Џозефина Меј Свансон, која се прославила во времето на немиот филм, но и на тонскиот филм „Булевар на самракот“, снимен во 1950 година. Останати филмови: „Машко и женско“, „Кралицата Кели“, „Госпоѓата Сан-Жен“.

1986.- Израел побарал увид во документацијата на комисијата на Обединетите нации за воени злосторства за поранешниот генерален секретар на Светската организација, Курт Валдхајм.

1988.- Во Скопје умрела Славјанка Влахчева, прва медицинска сестра во Македонија и основач на првото училиште за медицински сестри во Македонија. Родена била во Штип, во 1900 година.

1991.- Умрел швајцарскиот писател Макс Рудолф Фриш, либерален интелектуалец. Дела: романите „Штилер“, „Хомо фабер“, „Името нека ми биде Гантенбајн“, драмите „Кинески ѕид“, „Гроф Едерланд“, „Дон Хуан или љубов според геометрија“, „Андора“, „Биографија“.

1996.- Судијата на италијанскиот врховен суд наложил на поранешниот германски СС-капетан Ерих Прибке, кој се бранел со фразата дека „само ги извршувал наредбите“, мора да му биде судено поради одговорноста за масакрот на 335 италијански цивили во Втората светска војна во 1944 година, во Ардеатинските пештери близу Рим.

1997.- Умрел рускиот писател Владимир Алексеевич Солоухин. Дела: збирка песни „Човек со цвеќе во рацете“, „Да се живее на земја“, „Аргумент“, „Лирика“, „Сонетен венец“, „Владимирски патеки“, „Капка од роза“, „Писма од Рускиот музеј“, „Време за собирање камења“, „Мед на леб“, „Продолжение на времето“.

1998.- Во експлозија на метан во украинскиот рудник за јаглен „Скачинско“ во областа Доњецк, загинале 63 рудари.

2007.- Загинал Роберт Кларк, американски филмски режисер. Кларк, познат по филмот „Божикна приказна“, настрадал во сообраќајна несреќа на автопатот на западниот брег на САД, во близина на Лос Ангелес. „Божиќна приказна“ (1983) е филм кој во САД редовно се прикажува за време на божикните празници.

2011.- Во Софија умрела Доста Димовска, директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Димовска била родена на 17 февруари 1954 во Скопје. Завршила Филозофски факултет во Скопје, каде работела и како стручен соработник. Таа е позната поетеса и политичар. Нејзината политичка кариера почнала во 90-тите години на минатиот век. Димовска била на високи државни и партиски функции. Во 1991 била избрана за заменик-претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот на партијата во Прилеп. До 1994 била пратеник, а во тој период раководела со парламентарната Комисија за меѓународни односи. Во 1998 година Димовска била избрана за вицепремиер во кабинетот на Љупчо Георгиевски. Од декември 1999 година до мај 2001 година била министер за внатрешни работи. Во 2002-та година поднела оставка од партиските функции. На 25 февруари 2002 година била назначена за директорка на Агенцијата за разузнавање, а функцијата ја напуштила на 5 мај 2003 година. Од почетокот на 2007 година Доста Димовска беше директор на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија.