Дарко ЈАНЕВСКИ

Алеско Стефанов бил фурнаџија. До 1902 г. бил четник во четата на Тома Давидов, убиен во охридско, а потоа во четата на Сугарев. Во времето на Илинденското востание, учествувал во битките кај Смилево, Цапари и други села од битолскиот регион.

Во 1905 година станал војвода во демирхисарско. Учествувал во двете балкански војни и во Првата светска војна. Во 1920 година ја обновил својата чета и до 1928 година одново бил активен. Се повлекол на 59 години, во 1928 година, а умрел во Софија 1935 година. За случувањата во Смилево во текот на Илинденското востание, во август и септември 1903 година, раскажал:

‘Се прибравме над с. Смилево. Во шумата имаше жени од околу 600 семејства. Турците отсекаде настапуваа и го стеснуваа обрачот. Даме Груев и Ѓорги Сугарев се советуваа што да прават. Сите бевме мошне уморни. Благодарение на тоа што реката беше блиску, имавме вода за пиење. Се донесе одлука, сите а се собереме на едно место и да го пробиеме обрачот. Го пробивме обрачот и со малку жртви се спасивме. Паднаа околу 10-15 души. Тука загина и И. Бадев.’

По пробивањето на обрачот, востаниците за кратко се засолниле од непосредната опасност, но Смилево веќе било загубено. Тогаш се имаат случено и некои од најтрагичните моменти од целото Илинденско востание, во кои не биле поштедени ни децата:

‘Турците влегоа во селото и го запалија. Изгоре цело Смилево. Кога потоа Турците ја запалија и шумата, жените толку многу се исплашија што некои од нив започнаа да ги фрлаат во огнот сопствените деца. Подоцна, во меснота Голем-гар, Смилевско, видов пет-шест јагленосани детски трупови… Додека гореше Смилево, горе на ливадите, свиреше турска воена музика… Во Смилевско се задржавме три месеци. Падна снег, а ние бевме голи и вошлосани. За сето време четите не гладуваа, но страдаа зашто бевме без облека. Почнавме да ги испраќаме селаните во Битола, а останавме само седум души: Даме Груев, Ѓорги Сугарев, Делчо од Пангориште, јас, Димко од Кавадарци, Наумче од Цапари и Ѓорги Мончев кој беше дојден од Солун’, раскажувал подоцна Стефанов, роден 1869 година во с. Радово, на три часа од Крушово, денешна Грција.

Една од последните епизоди поврзана со востанието што ја раскажал Стефанов е убиството на еден предавник:

‘Еден од другарите беше сретнал залутан патник во аскерска облека и го доведе рано утрината. Тоа беше шпионот Ристе. На главата носеше висока турска капа. Кога го доведоа пред Даме Груев, тој му рече:
‘Ако ми кажеш право, ќе има прошка.’

Ристе одговори дека војската е кај Арамискиот камен, на двеста чекори од тука, а дека тој не предал за 15 лири.

Кога го слушна тоа, Даме рече:
‘Штом сакаш една градина од милион лири да продадеш за 15 лири и штом те обзел ѓаволот, Димко, земи и прати го кај него’.

Така завршил животот на предавникот и тој веројатно бил една од последните жртви на востанието.